Премиерот Димитар Ковачевски ја остава отворена вратата за Алијанса на Албанците да седне на Илинденска, но нивниот влез во Владата вели ќе зависи од политички договор за програма и кадри.
Премиерот потенцира дека е отворена можноста за сите кои сакаат да се приклучат кон концептот за европска држава, за што потврди дека партијата на Таравари има изразено политичка волја, но не презира дали и за што во моментов се разговара. Вели стабилноста на владиното мнозинство не е доведена во прашање, пренесе Канал 5.
-Дали ќе влезе во Владата постојат шанси за тоа, како што кажаа и другите политички лидери. Дали ќе се случи тоа зависи од политички договор од два аспекта- едниот е програмски а другиот кадровски. Додека не се случи такво нешто, не може да зборуваме со сигурност дека ќе има уште еден владин партнер, изјави Ковачевски.
По првичната средба меѓу Ковачевски и Таравари пред три месеци во Владата кога и се отвори прашањето за влез на Алијанса во власта неофицијалните информации беа дека Таравари чека понуда од премиерот за три министерски места. Најсериозно беше споменувана фотелјата за здравство, но и ресорите правда, образование, животна средина или информатичко општество и администрација.
Но, ниту Ковачевски денеска, ниту Ахмети вчера не кажаа дали нивните партии се подготвени да отстапат министерски и директорски места за Алијанса. Единствено против давањето на своите фотелји се изјаснија од Алтернатива кои велат дека цената за вакво засилување треба да ја платат СДСМ и ДУИ.