Кога е тешко, кога е криза, треба сите да сме заедно и да работиме заеднички за државните интереси. Сега повеќе од било кога не смее да биде пребројување по било каква припадност. Треба да работиме за себе дома и да покажеме дека Македонија е наша обврска, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната седница во Собрание на која ќе се гласа за реконструкција на Владата.
Ковачевски ја критикуваше одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии да не гласаат за ратификација за Договорот со ФРОНТЕКС.
-Целосно е јасно и познато дека со ситни души и политиканти држава не се води. Да не бидеме политички непријатели, да ја имаме пред себе државната цел, за се друго има простор и време. Алијанса за Албанците ја прифати поддршката за европскиот фронт. Место има и за Алтернатива и за сите други кои се поддржувачи на европскиот пат. Жалам што Алтернатива ја донесе одлуката за излез од Владата, додаде премиерот.
Тој додаде дека ќе окрупни владиното мнозинство со влезот на Алијанса за Албанците во Владата.
-Реконструкцијата на Владата очекувам да внесе нова енергија. Со ова парламентарно мнозинсто ставаме точка на сите лаги и манипулации за предвремени избори. Мнозинство кое ќе ни овозможи да одблокираме важни закони. Денес ние знаеме дека имаме обединет европски фронт, рече меѓу другото Ковачевски.