Владината прес-служба потврдила дека премиерот Димитар Ковачевски испратил до сите парламентарни политички партии за лидерска средба што треба да се одржи в понеделник, на 7 ноември во Собранието.
На средбата иницирана од премиерот ќе учествува и лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски.
Мицкоски предлага на средбата да се разговара за енергетската криза и за проблемите на граѓаните, а не за уставните измени.
„Мојот совет до владата и до Ковачевски е доколку се случи таа лидерска средба да разговараме за она кое што е навистина голем проблем за граѓаните, тешкиот живот, економската состојба на граѓаните, ниските плати, ниските пензии, високите сметки кои ги плаќаат, инфлацијата, енергетската криза која што со паѓањето на температурата веќе ќе ја почувствуваме сите, тоа се оние суштински проблеми за кои како одговорни политичари треба да разговараме. Ако некој мисли дека ќе наметне теми кои што поларизираат како што е за промена на Уставот, па дека ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на таа лидерска средба, па сега ние ќе зборуваме за нешто што е познато и константа во јавноста, тогаш се лаже, бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ е познат во јавноста, а тоа е непроменлив, односно дека под овие околности промена на Уставот нема“,дециден е Мицкоски.
Од ДУИ велат дека ваква средба е неопходна, особено кога се зборува за уставни измени како дел од европската агенда.
„Поканата за средба на политичките партии, без разлика на етничката припадност и идеолошката определба, ја гледаме како неопходна. Затоа, соодветно е да се одржи ваква средба, уште повеќе кога сметаме дека за уставни измени се потребни 2/3 од гласовите во Собранието, што нужно ја наметнува соработката, координацијата и кохабитацијата на парламентарните партии“, рече Арбер Адеми, потпретседател на ДУИ.
Од Движењето Беса велат дека по прифаќањето на повикот на премиерот, партиските органи ќе одлучат дали ќе учествуваат или не.
„Известени сме преку медиумите. Сè уште нема покана до нашите канцеларии за да ја разгледаме. Во моментот кога ќе ја добиеме поканата, партиските органи ќе ја испитаат и ќе одлучат“, рече Фадил Зендели, пратеник на Движењето Беса.