Скринингот со Европската Унија тече како што и беше планиран, и пред нас сега се уставните измени, што ќе се најдат пред македонското Собрание и пред нашите 120 пратеници. Јасно ми е дека нивната одлука нема да е лесна, но очекувам дека ќе покажат државничко однесување, порачува премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.
„Она што е јасно е дека тие имаат избор да остават да биде се така како што било и да ја остават земјата во стагнација и неизвесност, но јас искрено верувам и уверен сум, дека тие ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука за да овозможат подобра иднина и за нас и за нашите деца. Пратениците се сепак и пред сѐ претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во земја-членка на ЕУ. Сакаат да сме полноправна членка. Не само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, и владеење на демократија. Граѓаните сакаат подобар живот по европски стандарди, затоа што сакаат децата да им останат дома и тука да си ја градат иднината“, оценува тој.
Ковачевски повтори дека немаме друга алтернатива освен членството во ЕУ и оти тој пат нема да биде лесен, но мора да се изоди.
„Погледнете ги сите земји-членки кои пред многу години биле во нашата ситуација, а кои по членството во ЕУ доживеале сериозен раст и развој. И нивниот пат не бил лесен, и нивната трансформација била постепена и тешка, но денес нивните граѓани имаат шанса да живеат во земји со подобар стандард, да се побогати, да живеат европски и слободно. Дали ќе бидеме и ние таму, сега зависи само и единствено од нас. Подадените раце на поддршка од нашите пријатели, оваа шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме“, вели Ковачевски.