Ковачевски: Градот убав повторно никна

од Nikola Popovski
305 прегледи

Шеесет години незаборав и длабока лузна во нашите срца за изгубените животи на кои денеска им оддаваме должна почит. Шеесет години тажни спомени на една слика и едно време, препознатливо по својата уникатност по која и денес се копнее, вака премиерот Димитар Ковачевски го почна својот говор при обраќањето на свечената седница во Собранието на Република Северна Македонија по повод шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје во 1963 година.

Истакна дека од една од најголемите трагедии кои ги доживува, градот со помош на скопјани, но и со помош од целиот свет успева да се издигне повторно.

Градот убав повторно никна. Скопје се издигна врз темелите на урнатините и уништеното, се роди едно ново, модерно Скопје кое внесе нов, космополитски дух и енергија во која се сплотуваат старото и новото, современото и традиционалното. Таа моќ на трансформација, идеја за подобро утре, никогаш нема да престане да нѐ инспирира, рече Ковачевски.

Додаде дека речиси секој дел, зграда, улица во Скопје е споменик на солидарноста.

Солидарноста живее во нас и со нас. И затоа, вечно ќе бидеме благодарни за несебичната помош од над 80 нации низ светот, помош која се втисна во душата на Скопје, пренесувајќи порака дека само здружени и заедно можеме да ги надминеме сите предизвици и да ја оствариме секоја цел и секоја визија. Катастрофалниот скопски земјотрес кој е длабоко врежан во нашето минато, за нас е поука и порака да продолжиме сплотени да го чуваме и градиме нашето општество врз темелите на солидарноста, пожртвуваноста и заедништвото, потенцира премиерот.

Слични содржини