Најголемите политички партии викендов ги претставија своите програми за парламентарните избори. ВМРО-ДПМНЕ вчера ги промовираше проектите и ветувањата, а СДСМ во саботата одржа конгрес на кој ги промовираше носителите на кандидатски листи за пратеници.
„Платформата 1198“ на ВМРО-ДПМНЕ се потпира на пет клучни столба, а доминантна во програмата е економијата, меѓу другото, укинувањето на балансерот, реорганизацијата на институциите и новите министерства за енергетика и социјална политика, демографијата и младите, изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Петте клучни столбови на програмата на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Мицкоски, се активна и постојана борба за квалитетен животен стандард, отворање фронт против корупцијата, работа на институциите согласно законот, обезбедување функционален систем за граѓаните и заеднички патриотизам, кој, како што беше речено, во суштина е патриотизам што обединува.
СДСМ ги стокми носителите на пратеничките листи. Лидерот Димитар Ковачевски ја предводи единицата, заедно со Моника Зајкова од ЛДП. Во двојката поддршка од граѓаните ќе бара Оливер Спасовски со Фатмир Битиќи. Во тројката на чело е Сања Лукаревска, зад неа Љупчо Николовски. Поранешниот министер за здравство Венко Филипче се најде на врвот на кандидатскиот пратенички список во четворката заедно со Јована Тренчевска, а во петката се нивните сопартијци Јован Митрески и Бисера Костадиновска – Стојчевска. Славјанка Петровска ќе ја предводи шестката, а зад неа е Аргон Демири. На партискиот конгрес, Ковачевски сподели и дел од програмата. Тој најави имплементација на препораките на оценската мисија и завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година, како и членство до 2030-тата.
Реалност или популизам?
Дел од јавноста смета дека ова е почеток на интересниот дел од предизборната кампања во која се истакнуваат вистински изборни ветувања, проекти и програми. За политичкиот аналитичар, Бесим Небиу ова е освежување во однос на долгиот период на црни и негативни кампањи на партиите кој е пред се неинтересен т.е. помалку досаден за голем дел од јавноста.
-Мислам дека ветувањата за инфрастуктурните инвестиции се само по себе остварливи, ако гледаме чисто од финансиска гледна точка. Друго прашање е колку партиите се озбилни околу сопствените ветувања, т.е. дали тие им служат само за кампања или навистина мислат да се (рако)водат од сопствените ветувања, во случај да добијат власт. Во однос на второто прашање, досегашното искуство е негативно. Неколку дена по изборите, партиите кои формираат влада ги симнуваат изборните програми од сопствените веб страници, и зборуваат за се друго освен за своите изборните ветувања. Се додека отчетноста отсустува, ниту ветувањата ниту ветувачите не треба да се земаат премногу озбилно, вели Небиу во разговор за „Локално“.
Мицкоски исто така најавува укинување на позицијата заменик директор во институциите, безусловно распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и нулта толеранција за злоупотреба на службени возила за приватни цели. На прашањето дали очекува со ова да се зголеми довербата на граѓаните во институциите, но и во судството, Небиу смета дека прашалниците кои ги имаат граѓаните во однос на ВМРО-ДПМНЕ почнуваат од нивното претходно 11-годишно владение.
-Разбирам дека новото раководство сака да се занимава со иднинаата, како што разбирам и дека води во анкетите, но рефлектирање и самокритики на сопствените перфоманси во однос на судството, владеењето на правото и корупцијата во тие 11 години би направило повеќе во зголемувањето на симпатиите и довербата, отколку самите ветувања, кои од оваа перспектива и без рефлексија и рецензија на минатиот труд, се само „мртви зборови на хартија“. Избори се одвиваат веќе 33 години во Македонија и избирачите мислам дека се позрели од порано, дециден е соговорникот.
Во однос на тоа дали СДСМ имаше доволно време за да се справи со економските теми во претходните мандати и дали економијата во земјава директно зависи од продолжувањето на преговорите со ЕУ, аналитичарот истакнува дека тоа се подразбира.
-Македонија е сосема мала економија, една од најмалите во Европа, која повеќе увезува отколку извезува, која помалку произведува отколку што троши – како таква е целосно зависна од надворешните текови и влијанија. ЕУ темата е клучна , но сметам дека ветувањата за зголемени ЕУ фондови од СДСМ е вистинска тема. Слично како и ВМРО, СДСМ треба да се рефлектира на сопственото владеење, посебно во однос на ветувањата за правда и мир, владеење на право и корупција. Тие се клучни теми за вистински пристап на ЕУ, а не зголемениот пристап до ЕУ фондови, а истовремено и теми на кои СДСМ најмногу ја изгуби довербата од страна на јавноста и сопствените потенцијални гласачи, оценува Небиу.
Од друга страна, аналитичарот и екс-амбасадор Ристо Никовски објаснува дека првичниот впечаток е дека ВМРО-ДПМНЕ е многу пореална и поконкретна во својата програма отколку СДСМ. Во разговорот за „Локално“. Никовски вели дека ВМРО-ДПМНЕ оди со конкретни проекти што е нивна добра пракса уште од времето на Груевски.
-Тоа е и предизвик за нив да го реализираат ветеното. Чинам дека зголемувањето на пензиите линеарно со по 5000 денари не е реална можност бидејќи ќе биде огромно оптоварување на пензискиот фонд. Треба поголемо зголемување за најниските, а многу помало за највисоките. Не се доволно прецизни и во надворешната политика бидејќи тоа што го предлагаат со Бугарија, не го решава проблемот. Треба веднаш да се откаже барем вториот протокол со Софија. Договорот за пријателство потоа ќе мора да се откаже или репреговара. Ветувањата на СДСМ не треба да се земаат сериозно бидејќи за седум години не направија ништо, оценува соговорникот.
Според него, ако не ги преземе сите промени што ги ветува, и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја загуби довербата во гласачите.
-Потребни се длабоки промени во општествениот систем, ако сакаме Македонија да стане успешна приказна. Ако се продолжи како досега, немаме иднина. СДСМ бескрупулозно лаже дека преговорите со ЕУ ќе ги заврши до 2028 година. Тоа не е ниту теоретски можно од илјада објективни и реални причини. Воопшто не зависи од нас, дури и да претераме со реформи. Економијата ја уништија во последните седум години – и што сега ќе се опаметат? Најстрашно е што земјата ја доведоа пред банкрот (Бехтел и Енка…) Последни сме и по плати и по пораст на БДП и по странски инвестиции. Последни сме во Европа, тврди Никовски и додава:
-Економскиот развој зависи пред се од нас самите, од функционирањето на системот, од правната сигурност, од се што во нашата држава практично не функционира. Без сето тоа, економијата нема простор за побрз развој.
Н.П.