Mакедонскиот и бугарскиот премир, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, ќе имаат средба во рамки на работниот дел од посета на Италија по повод одбележувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.
-Работниот дел од посетата на Италија во текот на 24 мај ја вклучува и средбата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски со претседателот на Советот на министри на Италија, Марио Драги. Како дел од работната посета, на 23 мај премиерот Ковачевски ќе се сретне со премиерот на Бугарија, Кирил Петков, стои во соопштението на Владата.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ истакна дека месецот јуни, како пресуден за добивање датум, е спомнат од ЕУ поради геополитичката ситуација со војната во Украина и дека Владата сака да ги почне преговорите со ЕУ, но не по секоја цена и на штета на државните интереси при решавањето на прашањето со Софија.
– ЕУ е таа, која притисната од геостратешката ситуација, почна прва да го комуницира јуни како датум и комесарот Вархеји и официјалните портпароли на ЕУ. Тоа значи дека има некое чувство на ургентност во ЕУ. Меѓутоа, ние немаме намера да направиме чекор кој ќе ги наруши нашите интереси, рече Маричиќ.
Како што потенцираше вицепремиерот, сакаме да почнеме преговори со фер договор, кој нема да задира во нашето достоинство и идентитет.