Ковачевски и Ременска во трка за претседател на СДСМ, Зечевиќ најави можна кандидатура

од Берта Китинска
204 прегледи

До партиското седиште на СДСМ пристигнаа две кандидатури – едната на заменик министерот за финансии и член на Извршниот одбор на социјалдемократите Димитар Ковачевски, а другата на поранешната потпретседателка на партијата Фросина Ременски.

Ковачевски, заедно со кандидатурата, ја достави и својата програма.

– Согласно роковите денеска ја поднесов мојата кандидатура за претседател на партијата, заедно со мојата визија и програма – Заедно, одговорно и посветено. Програмата се базира на три столба – социјалдемократска визија и вредности на работењето, економски раст и зголемување на животниот стандард и фер шанса и јасен систем со кој најдобрите ја добиваат одговорноста и шансата, изјави вчера Ковачевски пред седиштето на СДСМ откако ја поднесе кандидатурата.

Според него, СДСМ поминува низ еден предизвик, во кој мора да се менува и каде секој член на партијата е значаен и секој еден член на партијата ќе го каже својот глас.

– Една од моите основни заложби е да го вратиме единството во партијата и да го вратиме единството во општеството за да можеме да имаме посилни демократски партии и да имаме посилно општество. Најзначајно за нас е да ја вратиме вербата дека можеме сами и мораме сами да го унапредиме нашето општество, притоа имајќи го предвид јасниот пат на нашето општество во европските интеграции, изјави Ковачевски.

Освен Ковачевски, своја кандидатура поднесе и поранешната пратеничка и потпретседателка на СДСМ Фросина Ременски.

Образложувајќи ја кандидатурата, таа истакна дека цел и мотив за нејзината самокандидатутра за претседател на партија се досегашните општествено – политички и партиски активности кои ги имала во време кога СДСМ носела тешки одлуки.

Воедно, Ременски посочи дека денешниот ден има и симболика во нејзината кандидатура, бидејќи ја поднесува во време на 16-дневниот женски активизам против насилството врз жените.

– Сакам и преку кандидатурата да бидам пример и да ги охрабрам сите жени кои се или не се на функција да не се откажуваат од своите соништа и натаму да се борат без оглед на сè и ги охрабрувам социјалдемократите да ја поддржат мојата кандидатура, изјави Ременски.

Таа додаде дека нејзината визија за СДСМ во следните пет години е победник во сите процеси пред коишто е исправен.

Воедно и поранешниот долгогодишен организациски секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, вечерва во гостување на ТВ24 рече дека подготвува кандидатура за лидер на партијата.

Тој остава простор до петок да поднесе кандидатура, со објаснување „дека има време и дека ги прави последните анализи“.

-Клучен момент што ќе пресече е да го почувствува импулсот на членството во овој момент. Во однос на другите кандидати, јас сум во предност во однос на нив. Сите структури долго ме познаваат. Јас бев булдожерот на СДСМ во сите овие години,рече Зечевиќ.

Зечевиќ беше дециден дека не е заинтересиран за премиерската позиција и смета дека единствено со Зоран Заев на премиерката функција ќе се сочува заедништвото на партијата.

Слични содржини