Ковачевски: Изградивме и реконструиравмее над 1.000 км патишта, граѓаните патуваат полесно и побезбедно

од Nikola Popovski

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид во изградба на експресен пат Градско–Прилеп, на втора фаза на потегот Фариш–Дреново.

Изградбата на експресниот пат Градско–Прилеп е поделена на три делници: Првата делница е Градско-Дреново каде што исто така се одвиваат градежни работи, втората делница е Дреново–Фариш и третата делница е проширување на патна делница од Прилеп до мост на Ленишка Река и изградба на трета лента на патната делница од с. Беловодица до Каменолом Маврово, за што е во тек подготовка на тендерска постапка.

„Една од поважните меѓународни рути која што поминува низ земјата и го поврзува регионот со останатиот дел на Европа, е Коридорот 10 и токму затоа, денеска со министерот Бочварски и директорот на ЈПДП Рустеми, извршивме увид во градежните работи на делницата Дреново-Фариш. За изградба на втората делница од Дреново до Фариш која е со должина од 10,2 км, издвоени се 33,6 милиони евра со поддршка на Европската банка за обнова и развој“, изјави Ковачевски.

Инвестициите во патната инфраструктура се еден од приоритетите на оваа Влада, продолжи тој и додаде дека целта е С. Македонија да продолжи да се гради и поврзува со квалитетна, безбедна и модерна патна инфраструктура.

„Од почетокот на мандатот, оваа Влада изгради и реконструираше над 1.000 км патишта. Со сите инвестиции, граѓаните патуваат полесно и побезбедно, а компаниите побрзо и поефикасно ги транспортираат своите производи и придонесуваат во економскиот развој на земјата. Економската криза со која се соочуваме налага уште поголем фокус и побрза реализација на капиталните инвестиции. Добро е познато дека во криза најважно е да се вложува токму во инфраструктурата, бидејќи градежништвото е мотор на економијата. Затоа како Влада сме фокусирани за уште поголема ефикасност во реализација на инфраструктурните проекти“, смета премиерот.

Посочи дека инфраструктурните капитални инвестиции помагаат да се одржи економската стабилност, да се обезбеди повисока продуктивност и вработувања, да се намалат производните и транспортните трошоци за компаниите и да се зголеми квалитетот на живот на граѓаните.

Слични содржини