Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва соопшти дека ја добил довербата од партијата за да биде нов мандатар на идната влада.
-За мене е огромна чест и одговорност што денес од ЦО на СДСМ ја добив довербата да бидам мандатар на идната Влада! Тоа е предизвик кој сум подготвен да го прифатам и посветено да работа за да ја оправдам довербата. Продолжуваме со седницата на ЦО за избор на ново раководство, како и нови членови на Централен и Извршен одбор на СДСМ, објави Ковачевски на социјалните мрежи.
Лидерот на СДСМ додава дека партијата ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и модернизира.
-Партијата е отоврена за вклучување на нови луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократските вредности, стои во објавата на Ковачевски.
Претседателот Стево Пендаровски очекува мандатот на новиот мандатар да му го додели во вторник или среда.
– Ми треба уште еден допис, кому да дадам мандат. Не можам да нагаѓам, морам да добијам допис од партија или партии кои треба да кажат ние имаме мнозинство и тој и тој е мандатар. Јас не можам да го дадам мандатот на СДСМ, морам да знам кому го давам како личност, конкретно на некој човек, рече Пендаровски пред некој ден во интервју.