Со цената што ја му ја дадовме на универзалниот снабдувач се доведовме на раб на опстојување и никако не можеме да ја намалиме зашто во таков случај ќе трпиме сериозни загуби и тоа ќе се рефлектира во наредните три, пет или повеќе години, изјави денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Според него, на јавната постапка на ЕВН Хоум, АД ЕСМ понудила цена од 38,80 евра за мегават час што на крајот од годината ќе донесе профит од само 547.000 евра.
-Понудената цена на АД ЕСМ кон ЕВН Хоум е на ниво на рентабилност на работење на компанијата. Со носењето на новиот Закон за енергетика и либерализацијата на пазарот од први јули 2019 година АД ЕСМ не е регулирана компанија за продажба на електрична енергија. На тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум ние се јавуваме на аукција со наша цена која на крајот од годината ќе донесе одреден профит. Од први јули лани заклучно со јули оваа година, цената што ја дадовме на универзалниот снабдувач беше на ниво на стабилизирање на пазарот, смирување во период кога може да има турбуленции. Кога има можност за нови компании со повисоки цени да учествуваат на тендерите, ние како државна компанија учествувавме со цена која го стабилизира тој удар, односно ја држеше стабилна цената во изминатата година, објасни Ковачевски по посетата на рудниците во РЕК Битола.
АД ЕСМ, потсети директорот, како стратешка и најголема компанија за производство на електрична енергија, треба да има свои инвестиции, посебно во обвновливи извори на енергија.
-Согласно европските трендови полека треба да преминеме од производство на енергија на јаглен на обновливи извори. Би ги спомнал инвестиците во фотоволтаиците што во моментот се градат во Осломеј, јавното-приватно партнерство од 100 мегавати во Осломеј, новите 20 мегавати фотоволтаици во кругот на РЕК Битола, докомплетирање на ветерниот парк во Богданци и почнување постапка на нов ветерен парк во Миравци од 50 мегавати, третата фаза на ревитализација на хидропотенцијалот во земјава кој е стар повеќе од 50, 60, па и 70 години и нормално, нашата најголема активност е насочена кон проектот Чебрен, односно јавното-приватно партнерство за кое постаката ќе заврши во втората половина на септмеври, истакна Ковачевски.