Ковачевски на прием по повод почетокот на преговорите: Подготвени сме за ЕУ, нѐ чека напорна работа

од Nikola Popovski
229 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва изјави дека земјата е подготвена за Европската унија и најави напорна и посветена работа на реформите и усогласувањето со европските стандарди.

„Реков вчера, ќе кажам и денес. Подготвени сме за ЕУ! Сега треба да ја операционализираме таа подготвеност и забрзано да чекориме напред. Денес започнува нова етапа на напорна и посветена работа на реформите, на усогласување на нашето право со европското право, на економски, политички, социјален развој, повисок квалитет на живот, високи стандарди на почитување на владеењето на правото“, рече Ковачевски.

Ова го рече премиерот на приемот што го организираше по повод почетокот на преговорите со Европската Унија. На приемот присуствуваа политичките лидери, пратеници, амбасадори на земјите-членки на ЕУ, претставници на граѓанското општество и медиумите, како и бизнисмени.

Ковачевски рече дека Владата, водена од принципот на патриотско и државничко однесување, ја донела конечната одлука да го прифати изменетиот француски предлог, со што ќе се обезбеди зачувување и консолидација на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и посебност, како и почеток на преговорите со ЕУ.

Ве уверувам, рече тој, а тоа во неколку наврати го потврдија и високите претставници на Европската Унија, и овде и вчера во Брисел, дека позициите на Северна Македонија се зачувани и потврдени.

„Европската унија не прифаќа како Македонци кои го зборуваме македонскиот јазик со безусловна почит кон достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговиот идентитет, историски и културни посебности. Бевме јасни и гласни, дека за овие работи ниту се преговара ниту ќе се преговара“, посочи Ковачевски.

Тој додаде дека едно поглавје е затворено и сега Северна Македонија отвора ново.

„Затоа сега е време кога треба да застанеме заедно, обединети, полни со оптимизам и верба во подобро утре, да ги здружиме силите и заеднички да се посветиме на развојот на силна, успешна и просперитетна европска држава. Сега е време за храброст, посветеност и чист поглед во иднината за брзо и одлучно да се оствари сонот на нашата генерација, како и сонот на Илинденците и борците од НОБ. Да се ​​обединиме и да застанеме заедно бидејќи само заедно сме посилни“, рече Ковачевски.

Во вторникот, на 19 јули Македонија ја одржа својата прва политичка меѓувладина конференција во Брисел, со која ги отвори преговорите со ЕУ, 17 години по добивањето на кандидатскиот статус. Условот што го има Скопје за втората меѓувладина конференција и отворањето на преговарачките поглавја е внесување на Бугарите во Уставот.

Слични содржини