Премиерот Димитар Ковачевски, нема да го посети Киев заедно со премиерите на Црна Гора и Албанија, Дритан Абазовиќ и Еди Рама.
Од Владата велат дека поради интензивната агенда на премиерот овој период не може да оди во Киев и затоа не биле во можност позитивно да одговорат на поканата.
„Поканата се однесува на периодот кој во агендата на премиерот е исклучително интензивна и поради неможноста да се измени, за жал, не бевме во можност да одговориме позитивно. Нашата поддршка за Украина и храбриот украински народ е недвосмислена и безрезервна. Благодарни сме на поканата за посета за која веруваме дека наскоро ќе биде реализирана“, истакнале од Владата.
Црногорскиот весник „Вијести“ претходно објави дека премиерите на Северна Македонија и Албанија ја прифатиле идејата на Дритан Абазовиќ заедно да го посетат украинскиот главен град Киев.