Денеска одбележуваме 22 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кој донесе мир и со кој се овозможи континуиран развој на општествената кохезија и на европскиот концепт на обединетост во различностите, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот Фејсбук профил.
„Северна Македонија е држава пример за функционална, одржлива мултиетничка демократија, којашто практикува европски вредности. Ние сме општество кое гарантира еднакви права и обврски за сите етнички заедници, за сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници кои оваа земја ја сметаат за свој дом. Дом кој ќе продолжиме да го градиме во духот на меѓусебна грижа и посветеност. Нашата татковина е Европа во мало, а почитувањето на различностите е нашата предност, на што сме особено горди“, наведе Ковачевски.
Република Северна Македонија, пишува Ковачевски, денес е членка на НАТО, со цврсто втемелен и меѓународно признат македонски јазик и култура, која цврсто чекори со визијата што поскоро да стане дел од европското семејство на народи, каде и припаѓа.