Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со директорот на Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, денеска, присуствуваше на отпочнувањето на изградбата на втората фабрика на германскиот фармацевтски гигант „Герејсхајмер” во Технолошко индустриската развојна зона-2, Скопје.
На настанот присуствуваа и Оливер Бургел, потпретседател на „Гересхајмер”, како и Ото Граф, Привремен Вршител на работите во Амбaсадата на Германија.
Во новата фабрика на „Гересхајмер” со високо-напредна технологија ќе се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло, шприцеви за вакцини и фармацевтски продукти за потребите на светски фармацевтски реномирани компании.
Се работи за инвестиција од над 126 милиони евра, што претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на технолошко-индустриските развојни зони.
Планирано е отворање на над 180 нови работни места, со просечна плата далеку над државниот просек.
Премиерот Ковачевски беше во обиколка на првата фабрика на „Гересхајмер”, каде му беше презентиран современиот процес на производство на медицинска пластика во погоните, проект кој германскиот концерн го почна во Северна Македонија пред четири години.
Првичната инвестиција од 25 милиони е веќе зголемена на над 60 милиони евра.
„Владата и во услови на најголемата светска енергетска криза ги поттикнува инвеститорите да ги вложуваат своите средства и да креираат додадена вредност за македонската економија, создавајќи поволни услови за нашите работници и нашиот кадар, да се чувствуваат ценети со висината на платите и условите за работа меѓутоа и со можноста преку дополнителни тренинзи да напредуваат во својата кариера.
Нашата цел е граѓаните да останат во земјава да работат во современи услови и да имаат подобар животен стандард.
Инвестициите на високо технолошки развиени компании се уште една потврда дека нашата држава е поволна за инвестирање, еднакво како и останатите земји од Европа и светот.
Северна Македонија е безбедна и солидна дестинација за инвестиции, нашиот човечки кадар нуди квалитет и знаење, кое, се докажа дека знаат да го ценат регионалните, но и светските партнери и инвеститори.
Затоа ги помагаме сите инвеститори кои решаваат да вложат средства кај нас, преку ослободување од даноци, поддршка на работни места и сет на мерки кои го олеснуваат бизнис амбиентот на потенцијалните инвеститори.
Првичните анализи покажуваат дека на секој 1 денар вложен од државата, компаниите вратиле 4 денари назад во буџетот.
Тоа до пред 6 години не беше случај, тоа значи дека имаме инвестиции кои носат поголема додадена вредност и за државата и за граѓаните.
Затоа и не зачудува фактот што во време на најголема енергетска криза, ја имаме најдобрата година до сега од постоењето на ТИРЗ и тоа е навистина голем успех.
Минатата, 2022 година, ја завршивме со 2.300 нови работни места и над 430 милиони евра нови инвестиции, а годината ја завршивме со рекорден извоз од 3,7 милјарди евра.
Во октомври лани ја надминавме и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година.
Вкупно 16.400 наши сограѓани работат во компаниите во индустриските зони во целата држава”, рече Ковачевски во своето обраќање за време на посетата на фабриката на „Гересхајмер”.
Директорот на ТИРЗ, Деспотовски зборуваше за значењето на оваа најголема поединечна инвестиција.
„Најголема инвестиција во историјата поединечно, во историјата на ТИРЗ, меѓутоа и најголема Гринфилд инвестиција од осамостојувањето на државата.
Заедно со проширувањето на овој капацитет кој што го посетивме денеска, на кој што веќе работиме, и со овој што го гледаме тука, двете фази на компанијата достигнуваат инвестиција која што е за малку помала од 200 милиони евра, така што зборуваме за најголемата Гринфилд инвестција во историјата на С. Македонија.
Тоа е сериозен исчекор напред”, рече Деспотовски, изразувајќи надеж дека во следниот период оваа инвестиција двојно ќе се зголеми.
„Нашите сограѓани кои што се ангажирани во овој капацитет, работат не само за компанијата, туку работат и за бројни луѓе низ целиот свет.
Навистина, постои само една точка на мапата на инвестиции каде што оваа компанија е присутна, што покажува дека и покрај тоа што сме сепак мала точка на таа глобална мапа, можеме да дадеме сериозен придонес во тие глобални предизвици”, истакна Деспотовски, додавајќи дека Владата, министрите, пратениците работат за бенефит на граѓаните.
Потпретседателот на „Гересхајмер”, Оливер Бургел, истакна дека покрај доброто искуство во работењето, дополнителен поттик за проширување на инвестицијата е поддршката и условите што како инвеститор ги добиле од државата.
„Одбележуваме значителен развој кој резултираше со потребата за проширување на нашето производство во поддршка на растечките можности.
Клучно за носењето на одлуката за проширување на инвестицијата во Северна Македонија беше доброто искуство коешто го имавме со нашата прва инвестиција, работните услови во земјата, состојбата со инфраструктурата, транспарентност на трошоците, расположливоста на квалификуван кадар и поддршка од надлежните.
Ова не поттикна да ја прошириме инвестицијата токму овде, во Северна Македонија, во близина на постоечката фабрика, која што стартуваше во 2019 година, а која произведува примарно производство на пластика за фармацевтската индустрија”, нагласи Бургел.
Тој додаде дека нивниот раст се должи на фокусот на „Гересхајмер” за задоволување на вкусот на клиентите и извонредност во реализацијата, што е дел од нивната корпоративна стратегија иницирана од директорот Диетмар Симсен.
Сето тоа, според Бургел, води кон позиционирање на „Гересхајмер” како кредибилен партнер во здравствената и фармацевтската индустрија.
Привремениот Вршител на работите во Амбaсадата на Германија, Ото Граф, во своето обраќање се осврна на значењето на оваа инвестиција во билатералната соработка.
Тој нагласи:
„Денес е среќен ден за Северна Македонија и Германија. „Гересхајмер” инвестира во нов производствен капацитет.
Тоа се должи на билатералната соработка меѓу двете земји, за што се случуваат и бројни германски инвестиции во Северна Македонија”.
Во прилог документ со обраќањето на премиерот Ковачевски.