Ковачевски смирува: Парно ќе има во текот на цела грејна сезона

од Nikola Popovski
200 прегледи

Новиот мандатар на Владата, Димитар Ковачевски денеска информираше дека Скопје нема да остане без парно до крајот на грејната сезона. Тој ги повика скопјани да бидат спокојни.

-Парното ќе биде со соодветна температура. Како што најавив, Владата ги активираше сите механизми, ги презеде чекорите за да обезбеди топли домови и проблемот е надминат. Владините претставници детално ќе информираат за решението на вечерашната прес конференција. Грижата за нашите сограѓани не е предизборен памфлет, туку преземање одговорност кога е најпотребно, објави Ковачевски на социјалните мрежи.

Ова следува откако БЕГ синоќа соопшти и кажа дека нема да испорачува топлинска енергија од вечерва. Тие побараа Владата да го преземе раководството се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона.

Претседателот на Регулатроната комисија за енергетика Марко Бислимовски кажа дека БЕГ ќе остане без лиценца во моментот кога ќе престане да испорачува топлинска енергија во Скопје.

-Предлогот што го понуди БЕГ за Регулаторната комисија е неприфатлив, имајќи предвид дека сите опции што ги понудија и Регулаторната комисија и Владата, БЕГ и ТЕ-ТО ги одбија. Се разбира дека одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе си ја преземе Владата кога веќе БЕГ кажува дека тоа нема да може да го прави од сабота, но затоа Регулаторната комисија ќе им ја одземе лиценцата за работата. Дополнително, нека не очекуваат некој друг да им го реши проблемот за тие во мај да се вратат како принцеви на бели коњи. Сè што треба да преземе државата за да си ги заштити граѓаните, ќе преземе, вели Бислимоски за СДК.

Владата реши да го активира во полн капацитет ТЕ-ТО, и ќе работи од 5 наутро до 1 часот по полноќ наредниот ден, седум дена во неделата, а не само пет.

Слични содржини