Ковачевски ветува посветеност на реформите, САД бараат храбри одлуки: Што донесе Самитот во Скопје посветен на Планот за раст?

од Nikola Popovski
568 прегледи

Кој ги исполнува реформите – добива пари. Вака накратко може да се опише Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан 2024-2027 година, вреден шест милијарди евра, за кој лидерите од регионот се најдоа на иста маса во Скопје, главниот град на Северна Македонија. Тој план е наменет за „економски раст на регионот, забрзување на реформите и инвестициите кои можат да го унапредат процесот на проширување на Европската унија (ЕУ) со овие земји“, објави претходно Европската комисија. Целта е да се овозможи пристап до европскиот пазар уште пред државите и формално да станат членки на ЕУ.

Целта на планот за раст е удвојување на економиите и надминување на социоекономскиот јаз меѓу државите. Македонија очекува да добие милијарда евра. Според предвидениот, дел од парите ќе биде директно вбризган во националниот буџет, а остатокот во инфраструктурни инвестиции. Премиерот Димитар Ковачевски ветува посветеност на реформите, додека САД бараат храбри одлуки.

Какви пораки се испратија од Самитот?

-Сите економии на државите од Западен Балкан се сериозно зависни од Запад, без разлика дали зборуваме за потреба од кредити, дали зборуваме за извоз и увоз на добра и услуги, дали зборуваме за инвестиции, дали зборуваме нови технологии и знаење, па ако сакате дури и за девизните дознаки на нашата дијаспора кон семејствата и пријателите во државите од Западен Балкан, по сите тие параметри нашите економии се силно зависни од Западот, вели во разговор за „Локално“, Џелал Хоџиќ, претседател на СДА Македонија.

Според него, Планот за раст има за цел да ги намали проблемите на сите држави на Западен Балкан и да помогне државите да фатат брз заеднички чекор кон европските интеграции.

Џелал Хоџиќ

-Во едно тешко време, кога низ светот има големи конфликти оваа помош кон Западниот Балкан можеме да кажеме дека има големо значење и стратешка цел – интеграција на цел Западен Балкан во ЕУ, истакнува Хоџиќ.

Како што порачува тој, има четири важни пораки кои беа испратени од вчерашниот собир во Скопје.

-Првата порака од состанокот е дека САД силно дејствува во регионот, секако во соработка со ЕУ. Втората порака е дека сите превземени обврски на државите од регионот ќе мора да се спроведуваат, заврши времето на дебати, забелешки, условувања, едноставно време е на дејствување. Третата порака е дека прозападните демократски сили во сите држави ќе добијат јасна поддршка и ќе бидат партнерите со кои ќе се соработува, а опонентите на евро-атланските интеграции јасно, без никакви задршки, ќе бидат посочени, повикани, ако сакате и санкционирани. Четврта порака е дека договорите ќе мора да се почитуваат, без разлика дали се внатрешни договори во самите држави, или се надворешни договори помеѓу државите. Нема да биде оставен дополнителен простор за релативизирање на она што е постигнато како напредок во изминатите години и децении, наведува соговорникот.

Хоџиќ сепак, жали што се уште нема политички консензус за остварување на стратешките цели на државата, па потоа и за реформите.

-Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица сеуште се против техничките промени на Уставот и напредокот во европските интеграции. Следствено на пораките кои ги објаснувавме погоре, следува јасна изолација на деструктивната политика, како резултат на тоа ќе се создаде проевропски фронт во кој ќе има соработка и координација на сите прозападни демократски сили во државата за да го зачуваат прозападниот курс на Северна Македонија. Како што кажав деструктивните политики ќе бидат јасно посочени и санкционирани, оценува претседателот на СДА Македонија.

Позицијата на американската администрација е дека Македонија треба да го продолжи процесот на пристапување кон Унијата – за што неопходно е заокружување на процесот на уставни измени. Фер е граѓаните да побараат нон-пејпер од ВМРО-ДПМНЕ за нејзината визија за патот напред, изјави по Самитот помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот Џејмс O’Брајан. За Хоџиќ, ова е директна и јасна порака за ВМРО-ДПМНЕ и за нејзиното раководство.

-Би сакал да потенцирам дека тоа во суштина и не е прва, туку само уште една порака во серијата јасни пораки до ВМРО-ДПМНЕ да не го кочи европскиот пат на државата и остварувањето на стратешката државна цел – членство во ЕУ. Сакам да ве потсетам и на пораката која Џејмс O’Брајан, помошник-државниот секретар на САД за Европа и евроазија, ја испрати минатиот пат, прашан за ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени рече „ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ви кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил”. Оваа многу јасна порака има многу силна симболика, во каков автомобил ќе продолжи да се вози целата наша држава до целата која е зацртана, нагласува соговорникот.

Според него, посетата на американската „булдожер-дипломатија“ значи дека сериозно се зафаќаат со земјава и нејзиниот евроинтеграциски пат.

Јасно е дека не само земјава туку и регионот на Западен Балкан повторно е во голем фокус на САД, што сметам дека е големо позитивно значење. САД и ЕУ имаат иста заедничка стратешка цел за Западниот Балкан, развој на демокроатиите, развој на економиите и заокружување на евро-атланските интеграции. Позитивната улога на САД е во координација со ЕУ, но е и одговор на деструктивното влијание на Русија и обидите повторно на Западен Балкан да се разгорат конфликтите. САД се наш стратешки партнер и ќе бидат од голема помош да ги реализираме нашите стратешки цели како држава, заклучува Хоџиќ.

Н.П.

Слични содржини