Во СДСМ никој никому не чува фотелја, затоа што претседател на партијата се избира преку гласање од страна на сите членови, рече премиерот Димитар Ковачевски, во вечерашното гостување во вестите на ТВ Сител.
Според Ковачевски, средбата на „Бихаќка“, на која присуствуваше Заев, а по чие завршување имаше само кратка објава на социјалните мрежи и неколку фотографии, била показател дека СДСМ е отворена партија за секого, без разлика на која позиција се наоѓа во државата.
Премиерот се осврна и на препукувањата меѓу екс-премиерот Никола Груевски и актуелниот лидер на опозицијата, Христијан Мицкоски.
-Кога ќе ги погледнете ставовите ќе видите дека таму (во ДПМНЕ) се работи за мал Груевски и голем Груевски бидејќи немаат различни политички ставови во однос на изолацијата на државата. Јас не можам да се мешам во друга политичка партија, меѓутоа курсот што го имаат воопшто не се разликува од тоа што беше 11 години, ја држеа државата во изолација, рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју на Сител Телевизија на прашање за актуелниот судар меѓу Мицкоски и Груевски.
-Има една друга димензија целата таа работа. Кога ќе ги погледнете тие нивни ставови таму вие може да видите дека се работи за мал Груевски и голем Груевски. Бидејќи тие немаат различни политички ставови во однос на изолација на државата, во однос на неносење на одлуки, во однос на неинтегрирањето на државата во ЕУ, немаат никакви разлики во своите политички постапки. Вие погледнете го ставот на сегашниот претседател на ВМРО ДПМНЕ, тој е против интеграција на државата во ЕУ, тој цело време наоѓа изговори. Нема став, не покажува одлучност и веројатно поради тоа им се отвора таа дебата во однос на тоа кој е малиот кој големиот Груевски во ВМРО – ДПМНЕ, додаде Ковачевски.
Премиерот истакна дека со Груевски немал никаква комуникација и дека немало никакви преговори со никој од ВМРО – ДПМНЕ.