Ковачевски: Во овој историски момент потребна е мудрост и одговорност

од Берта Китинска
200 прегледи

Сите сме свесни за чуствителноста по однос на ова прашање, лесно е да отфрлиме, да одложиме, да избереме нова неизвеснот. Но, во овој историски момент е потребно рационално размислување со ладна глава, рече премиерот Ковачевски во изјава за медиумите по средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Клубот на пратеници.

„Потребна е мудрост и одговорност и објективно анализирање на сите сценарија, грижејќи се за иднината на нашите деца. Од ова прашање не смееме да правиме дневна политика. Ова е историски важно и стратешко прашање на кое секој политичар, но и секој граѓанин треба да му пристапи многу сериозно. Апелирам до сите, да се држиме до фактите, да се држиме до официјланите документи и нивна правилна интерпретација.“ рече Ковачевски.

Ковачевски рече дека е време за мудри одлуки и посочи дека како држава и народ имаме неповторлива можност да обезбедиме просперитет на државата

„Ова е историски момент за земјата, еден од ретките, како референдумот за прогласување независност (на Република Македонија во тоа време), како Охридскиот договор, како Договорот од Преспа. Имаме единствена можност да ја исполниме и нашата долгоочекувана стратешка цел, полноправно членство во ЕУ. Тоа е нашата визија, тоа е нашата иднина. Имаме неповторлива можност обезбедување просперитет на државата, им го должиме тоа на идните генерации. Време е за мудри одлуки.“

Премиерот Ковачевски ги повика сите политички чинители да ја земат предвид големината на задачата и да постапуваат одговорно и државнички и додаде дека Владата ќе продолжи да се држи до државните позиции.

„Ние досега како Влада доследно се држевме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија во секој поглед, го штитевме националниот интерес и македонскиот национален идентитет. Ветивме дека ќе се избориме да ги задржиме клучните црвени линии кои со месеци ги повторуваме и за кои Собранието усвои консензуална Резолуција. И тоа го направивме. И тоа се уште го правиме и ќе го правиме во секој следен чекор од овој процес“ рече Ковачевски.

Слични содржини