Премиерот Димитар Ковачевски на денешната седница во Собранието каде се дебатира за владината реконструкција рече дека за време на мандатот на оваа Влада, пензиите се зголемени, минималната плата е зголемена, откупната цена на тутунот е најголема досега, просечната плата над 34.000 денари, преземени се 760 милиони евра антикризни мерки, со што, како што рече, граѓаните плаќаат петпати помала цена за струја поради субвенциите, во земјоделството ги вратиле долговите…
-Во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше власт минималната плата беше 8.000 денари сега е 18.000 денари. А од март ќе стане над 20.000 денари. Пензиите ги зголемивме за 10%, сега ќе има уште едно зголемување во март. Погледнете ја просечната плата кога во време на ВМРО-ДПМНЕ беше едвај 20.000 денари а погледнете ја денеска просечната плата, над 34.000 денари, рече претседателот Ковачевски.
За евро-обврзницата Ковачевски рече дека е за рефинансирање на евро-обврзницата којашто ВМРО-ДПМНЕ ја зема за стиропор, палми и споменици во Скопје
-Ако сакате да видите што е направено со тие пари, дојдете во зградата на владата да видите како стиропорот се распаѓа, рече Ковачевски.