Денес во СДСМ уште наивно се верува дека нема подобри од нас. И тоа доведува до опуштеност и небрежност. Ќе настојувам да убедувам дека не ни е потребна вообразеност туку работа. Никого не треба да потценуваме. Јака опозиција мора да не мотивира да работиме многу повеќе, вели во интервју за Локално актуелниот заменик-министер за финансии, Димитар Ковачевски, кандидат за лидер на СДСМ.
-На критиките од страна на граѓаните но и од страна на опозицијата мора да им посветиме внимание. Тие и кога не се во право го формираат јавното мислење и расположението на јавноста и ние мора да нудиме одговори секој ден и во секое време, вели Ковачевски.
СДСМ пред се мора да се обедини, вели кандидатот за иден лидер, „но не само заради обединување туку тоа да биде околу конкретни цели и вредности“.
-Ако бидам претседател, моја главна задача ќе биде да го обединам членството околу јасни принципи за развој и унапредување на партијата и државата, истакнува тој во интервјуто.
На прашањето дали т.н. „скопско крило“ на партијата е „заслужно“ за слабите изборни резултати, Ковачевски посочи дека не сака да зборува за крила и ваков тип на политички дебати ги смета за многу непродуктивни.
-Ништо повеќе не ја одзема енергијата и времето од безполезните дискусии за тоа кој во кое крило е или какви фракции има. Тоа не го поднесуваат ни граѓаните, а најмноги сакаат тоа да го промовираат нашите политички конкуренти, смета актуелниот заменик-министер за финансии.
Кои се вашите мотиви зад кандидатурата за позицијата прв човек на СДСМ?
-Во СДСМ сум од мојата најрана младост. Сум бил дел од успесите, но и дел од поразите на партијата. Ги знам сите луѓе кои дале свој придонес таа да израсне во голема партија, ги знам предностите, но и слабостите.
Како долгогодишен член на партијата сум работел на повеќе позиции на локално и на централно партиско ниво заедно со мноштво генерации на партиски другари, но имам искуство и како универзитетски професор и како менаџер во приватниот сектор.
Сметам дека ги имам потребните знаења и вештини за успешно да ја водам партијата. СДСМ е државотворна партија која секогаш храбро ги носи најтешките, но и најважните одлуки во интерес на граѓаните. Во овие турбулентни времиња кога се соочуваме со многу глобални кризи за секој член на партијата би била најголема чест да има можност да стане претседател на партијата. За мене тоа не е само чест, туку и подготвеност за превземање голема одговорност.
Силно ќе се вложам и ќе ги мотивирам сите околу мене да го искористиме целиот човечки капацитет за да ги надминеме сите премрежја. Јас сум по природа човек кој не се плаши од предизвици, сум ги имал многу во минатото и токму од таа причина сум подготвен за уште еден нов – да ја водам најголемата партија во нашата земја.
Каква програма нудите и каде ги гледате најголемите слабости во партијата, односно во кој дел треба најмногу промени?
-СДСМ веќе има своја програма, има исто така и изборна програма со која победи на изборите во 2020 година, како и програма на владата која е усвоена од страна на Собранието кога беше избрана владата. Оттука јас не почнувам од нула и никој од мене не очекува ако бидам избран за претседател да правам нешто друго од почитување и спроведување на веќе усвоените програми.
Но, како кандидат за претседатeл на партијата приложив и моја програма за СДСМ, која е мое видување за тоа што треба суштествено и најбрзо да се промени во работењето на партијата. Таа се заснова на јасни социјалдемократски вредности, јасно и одговорно управување со цел подобрување на општеството и економскиот раст.
Програмата има наслов „Заедно, одговорно и посветено„. И тоа се трите столба на кои треба да се работи:
Прво, да го обезбедиме единството на партијата преку демократски договор за спроведување на сите политики и кадровски решенија. Сам човек ништо не може да направи. Но со добар тим и со демократски договор може многу.
Второ, за мене политиката на колективна одговорност односно неодговорност е неприфатлива, особено затоа што професионалното работно искуство го стекнав во организации каде јасно се знаат целите и политиките, се знае кој за што е одговорен и какви резултати се очекуваат од него. Ќе направам максимум да ги воведам истите принципи на работа и управување. Тоа претпоставува дека во работата и ќе се замерите со многумина за кои ќе оцените дека бавно или немарно ги извршуваат своите задачи, но мора да го прифатите ризикот ако сакате да им дадете фер шанса и на ненаметливите, но вредни со соодветни компетенции и знаење кадри за партијата да има успех.
И трето, денес во СДСМ уште наивно се верува дека нема подобри од нас. И тоа доведува до опуштеност и небрежност. Ќе настојувам да убедувам дека не ни е потребна вообразеност туку работа. Никого не треба да потценуваме. Јака опозиција мора да не мотивира да работиме многу повеќе.
На критиките од страна на граѓаните но и од страна на опозицијата мора да им посветиме внимание. Тие и кога не се во право го формираат јавното мислење и расположението на јавноста и ние мора да нудиме одговори секој ден и во секое време. Тоа значи посветеност на работите. Верување. Имање надеж. И враќање на самодовербата само преку постигнати резултати.
Што според вас треба да направи партијата за да ја врати довербата на граѓаните, која очигледно е изгубена, што се покажа и на неодамна завршените локални избори?
-СДСМ пред се мора да се обедини, но не само заради обединување туку тоа да биде околу конкретни цели и вредности. Ако бидам претседател, моја главна задача ќе биде да го обединам членството околу јасни принципи за развој и унапредување на партијата и државата. Принципите на одговорно, чесно, посветено и ефикасно работење во интерес на граѓаните мора да биде составен дел од ДНК-та на СДСМ.
Понатаму, сите мора длабоко да веруваме но и да делуваме како социјалдемократи кои се водат од принципите на социјалдемократијата за обезбедување на солидарно, еднакво и фер општество каде никој нема да биде заборавен. Ако го поставиме вака концептот на обединување, тогаш ќе имаме стабилна и цврста партиска структура и долгорочна внатрешна соработка. Ќе имаме ефикасно спроведување на зацртаните политики бидејќи едноставно сите ќе се движиме во ист правец со исти принципи.
Верувам дека со ваков пристап кон обединувањето ќе ги привлечам сите поранешни и сегашни членови, оние пасивизираните, но и нови кои ќе го препознаат овој нов пристап. Понатаму, СДСМ мора да направи јасен план и концепт за комуникација со членството кое се чуствува запоставено. Не смееме и нема никогаш да ги заборавиме луѓето кои давале и даваат придонес за партијата. Должност на партиското раководство е да обезбеди континуирана комуникација со членовите, да ги слуша нивните барања и истите да ги имплменетира, бидејќи само слушање не е доволно. Дури тогаш ќе имаме вистинска внатрешна демократија и ќе изградиме цврста доверба со нашите членови, но и со граѓаните.
И трето, СДСМ мора да покаже цврстина во управувањето. Кога велам цврстина не мислам на автократските методи на управување, туку на принципи на ефикасна работа и одговорност на секој наш функционер на позицијата која му е доделена. Политиката на колективна одговорност односно неодговорност за мене е неприфатлива, треба јасно да се знае кој за што е одговорен и какви резултати се очекуваат од него.
Виновно ли е т.н. „скопско крило“ за поразот на локалните или проблемите се подлабоки? Поделен ли е СДСМ во моментов, како што често знае да каже опозицијата и ако е тоа случај, како планирате да го обедините членството?
-Јас за крила не сакам да зборувам, овој тип на политички дебати ги сметам за многу непродуктивни. Ништо повеќе не ја одзема енергијата и времето од безполезните дискусии за тоа кој во кое крило е или какви фракции има. Тоа не го поднесуваат ни граѓаните, а најмноги сакаат тоа да го промовираат нашите политички конкуренти.
Поразот е резултат на многу фактори кои се должат на одредени слабости во владеењето на локално и централно ниво. Ние треба да се посветиме да ги отстраниме овие слабости, да покажеме нова политика и пристап во делот на одговорноста и ефикасноста во работењето.
Дури откако ќе дојдат резултатите и видливите промени, партијата ќе почне повторно да ги привлекува граѓаните кон неа, а со тоа и сите кои можеби од различни причини се дистанцирале.
Се повеќе се зборува за предвремени избори на пролет 2022 година, па дали новиот предводник на Бихаќка ќе има доволно време да ја подготви партијата?
-Јас сметам дека оваа Влада има легитимен мандат до 2024 и дека до тогаш воопшто не се потребни избори. Доколку се окрупни мнозинството за што верувам дека ќе се случи, тогаш не очекувам избори во брзо време. Искрено, мислам дека изборите воопшто и не се потребни туку е важно сите сили и ресурси да ги насочиме кон справување со енергетската криза, силна реализација на капиталните инвестиции и проектите, како и решавање на спорот со Бугарија за конечно отпочнување на преговори со ЕУ.
Пред нас се многу важни задачи и економски предизвици за да повторно губиме време и пари на избори. СДСМ има време да се подготви за наредните избори и може да победи. Треба да се подготви добра програма и врвен тим кој ќе биде гаранција за реализација на истата.
Како ги оценувате шансите на следните парламентарни избори со новото раководство и дали промената на лидерската позиција ќе ги врати старите позиции?
-СДСМ ќе биде фаворит на изборите доколку ги направи промените кои членовите и граѓаните ги очекуваат. Јас сум сигурен дека тоа ќе се случи без разлика дали јас или друг ќе ја води партијата, затоа што сметам дека партијата конечно ја научи лекцијата. Имавме неколку јасни сигнали на претходните избори дека поддршката паѓа, но за жал недоволно реагиравме и сега веќе простор за нова грешка нема.
Затоа знам дека сите во партијата се подготвени за промени, дека на сите им е јасно колку е важно да се обединиме околу промените кои ги образложив претходно и за кусо време да им докажеме на граѓаните дека сме најдобрата опција.
В.З.