Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки во отворено писмо до претседателот Пендаровски, го праша зошто бегал од одговорност, по случувањата со изнуда на сексуални услуги во АРМ.
„Претседателе Пендаровски, зошто бегате од одговорност? Барате од мене да доставам информации до надлежни институции, а Вие како Врховен командант на АРМ, сте надлежна институција. Според тоа, барате од мене да Ви доставам информации за изнудите на сексуални услуги.
Во ред, се согласувам, кажете кога имате термин, од овој момент па во следните денови, во било кое време на денот и ноќта, кога Вие ќе одлучите, јас Ви стојам на располагање да дојдам кај институцијата Претседател.
Но, сепак најпрвин би Ве упатил институционално, односно за истото да се информирате од Министерката за одбрана која од собраниска говорница потврди дека знаела за изнудите на сексуални услуги од високите офицери, но дека не преземала ништо против нив со што јас ценам дека создала услови дејанијата да бидат повторувани во недоглед.
Не сте преземале ниту Вие, со што и Вие создавате услови овие дејанија да продолжат да се повторуваат“ пишува во писмото Ковачки.
Тој меѓудругото вели дека офицерите во ранг генерал и полковник се во директна надлежност на претседателот на државата и за истото по службена должност требало да го информира министерката за одбрана.
„Лично сметам дека таа Ве информирала, но дека заеднички сте се договориле да го забошотите случајот и да не преземете најстроги дисциплински мерки. Доколку пак министерката не Ве информирала, тогаш тоа е сигнал дека има нефункционалност на комуникацијата помеѓу Врховен командант и Министер за одбрана, а особено поврзана со случки кои може да влијаат и на борбената готовност на АРМ. И во двата случаи – и да сте знаеле (а сметам дека сте знаеле) и да не сте знаеле (како што сакате да изгледа) е подеднакво поразително за Вас“ додава Ковачки.