Ковид-19 го намали процентот на наплата на извршителите

од Vladimir Zorba

Незадоволни од досега донесените како што велат нејасни и непрактични одредби поврзани со отпис на камати на долгови,извршителите бараат поголемо почитување на нивното искуство.Оценуваат дека е конечно време топката да се префрли на нивен терен.” Наш став како практичари е да ни се остави простор во законот да ја определиме динамиката и начинот на кој ќе се врши отписот на камататите,од причина што ние најдобро на терен  сме запознаени со економската моќ на граѓаните” вели за „Локално“ Гордан Станковиќ од Комората на извршители.

Намерата на владата повторно да се простат долговите од камати на долговите објективно го поткрепува нивното очекување значително да го намали проектираниот прилив од страна на доверителите.

Македонските граѓани најмногу должат за режиски трошоци, за струја, вода, парно, како и невратени кредити кон банките. Наплатата е отежната вели Станковиќ и покрај постоечките опции.

„Иако ние имаме законски инструменти за брза присилна наплата,тие се недоволно искористени бидејќи е оставено право на избор на доверителот дали ќе одлучи за поголема или помала ефикасноста во наплатата“, оценуваат од Комората.

Сметаат дека со законски измени треба да се зголеми процентот кој успеваат присилно да го наплатат со образложение дека така парите ќе се вратат назад во економските процеси.Поради пандемијата со ковид, не очекувуваат во 2020 година да го имаат истиот успех како во 2019-та кога од должниците беа наплатени 123 милиони евра

Комората веќе излезе со забелешка во однос на отписот на камати, сугерирајќи дека во процесот треба да добијат повеќе слобода самите извршители. Ако ја анализираме ситуацијата од друг аспект се поставува дилемата во однос на вашите интереси, односно колкави ќе бидат загубите на извршителите со овој отпис?

-Отписот на камати и долгови во неколку наврати се регулираше со закони носени без да се инволвираат извршителите во процесот на креирање на законските решенија. Ова потоа во пракса резултираше со нејасни одредби, непрактични за спроведување и крајно во голем дел овие закони не резултираа со успехот кој се очекуваше. Наш став како практичари е да ни се остави простор во законот да ја определиме динамиката и начинот на отписот, од причина што ние најдобро на терен “сме запознаени со економската моќ на граѓаните.

Во однос пак на загубите, извршителите не наплаќаат камати за своите трошоци, со што лесно може да заклучите дека отписот на камати е намалување на очекуванот прилив на средства на сметките на доверителите кои не ангажирале.

Граѓанското здружение „Стоп за грабежот’’ бара отпишување на старите долгови на граѓаните, кои во одредени случаи се од пред 15-20 години.Станува збор за судбини на илјадници семејства, па оттука и прашањето за колку вакви предмети станува збор?

-Бројот на таканаречените ,,стари судски предмети” кои во 2011 година се трансферираа кај извршителите беше голем и се зборуваше за бројка од околу 400.000 до 600.000 предмети. Колку од овие предмети се уште активни не може со сигурност да се утврди. Се согласувам дека станува збор за илјадници домаќинства кои со години не плаќале сметки за комунални услуги кои ги користеле. Проблемот беше детектиран и од страна на некои од давателите на комунални услуги на чија иницијатива се воведе и во кривичниот законик и кривично дело кражба на електрична енергија.

Короната кризата затвори многу фирми и остави без работа голем број граѓани. Колку ваквите последици за зголемија присилната наплата во споредба со претходните години?

-Кризата со пандемијата од Ковид 19 се рефлектираше и врз извршувањето. Со уредби на Владата во 2020 извршувањето мируваше цели четири месеци. Се разбира со економските последици во стопанството има и помал процент на реализација.

Кои се најголеми должници? Државата, стопанството или граѓаните?

-Граѓаните се најмногу застапени како странки во извршувањето, меѓутоа износот што јавните претпријатија, општините, државата го должат е се разбира многу повисок на годишно ниво. Tака на пример во 2019 година број на должници е 108.049 лица, правни лица се 17.798, а додека пак државни органи 4.279 должници.

За што најмногу должат граѓаните и дали е лесна или тешка наплатата?

-Генерално најчести се долговите за режиски трошоци т.е за неплатени сметки за вода,струја, топлинска енергија како и невратени кредити кон банките. Наплатата е отежната од неколку причини, од една страна платежната моќ на должниците но, од друга страна и нивната недисциплина во поглед на граѓанските обврски како што е пример пријавувањето при промена на адреса на живеење. Сепак, на бавноста на извршувањето во последните две години најмногу влијае одлуката на Уставниот суд со која го укина задолжителниот аванс на трошоците од страна на доверителите. За жал иако ние имаме законски инструменти за брза присилна наплата тие се недоволно искористени бидејќи е оставено право на избор на доверителот дали ќе се одлучи за поголема или помала ефикасност во наплатата.

Колкав е процентот кој извршителите успеваат присилно да го наплатат и дали е тој  задоволувачки?

-Сметам дека се потребни законски измени за да процентот се зголеми на поголемо ниво со цел повеќе средства да се вратат назад во економските процеси. Поголемиот процент на наплата значи повеќе пари во оптек кај банките, комуналните даватели на услуги и крајно државата. Процентот на реализација во 2017 година изнесува 63,30% во 2018 55,69% а во 2019 година 46,84%, а истиот се однесува на вкупно реализирани извршни предмети од сите години.

2019 година беше исклучително добра година за извршителите со наплатени 123 милиони евра. Какви се очекувањата во однос на 2020 година?

-Резултатите за 2020 уште се сумираат од страна на Комората, но очекуваме пад во наплатата од објективни причини поради пандемијата.

Од ваша страна имаше иницијатива граѓаните да ја добиваат социјалната помош на посебна, наменска сметка за да не може да се блокира нивната трансакциска сметка . Има ли резултат во оваа насока?

-Нашата иницијатива се уште стои. Сметам дека со картичките “купувам домашно” на кои се уплаќаше помош од државата за ранливите категории граѓани, се покажа дека постои техничка можност за наменски сметки кои ќе бидат изземени од системот на извршување. Дури и истите тие сметки се добра основа за да се исплаќаат социјалните дотации на граѓаните.

Вашата професија, благо кажано не поттикнува позитивни чувства кај граѓаните.Колку е ова оправдано?

Професијата е таква што и  самиот назив на дејноста природно не предизвикува позитивни чувства. Меѓутоа, во најголем дел критиките насочени кон нас се дел од општата атмосфера во општеството на недоверба во правосудниот систем и институциите.

К.В.С.

Слични содржини