Светската здравствена организација (СЗО) не ја поддржува обврската за пасоши за вакцинираните лица да патуваат поради неизвесност дали имунизацијата спречува пренесување на вирусот, но и дискриминација, изјави портпаролката на СЗО Маргарет Харис.
„Ние, како СЗО, велиме дека во оваа фаза не би сакале да ги гледаме пасошите за вакцинација како услов за влез или излез бидејќи не сме сигурни дали вакцината спречува пренесување на вирусот. Постојат сите овие проблеми заедно со проблемот на дискриминација на луѓето кои не успеале да се вакцинираат од која било причина“, нагласи Харис.
Според неа, СЗО сега очекува кинеските вакцини произведени од „Синофарм“ и „Синовак“ да бидат разгледани до крајот на април, за нивна можна употреба во итни случаи.
Таа посочи дека не може сè да се реши толку брзо како што се надеваше СЗО и дека на оваа организација ѝ се потребни дополнителни податоци. Харис не сакаше да објави други информации.
Германскиот институт „Роберт Кох“ неодамна потврди дека вакцинираните лица не пренесуваат коронавирус.