Ковид-центри во Скопје: Хоспитализирани само двајца нови пациенти

од Nikola Popovski
299 прегледи

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје има 2 нови хоспитализирани пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 51 лице сомнително и потврдено за Ковид-19 се лекува на инфективните одделенија во главниот град, голем дел од пациентите се на кислородна поддршка, информира Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ немало приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало еден примен пациент и еден ново заболен е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома е пуштен еден оздравен пациент.

Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 7 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 17 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 27 пациенти.

Од ресорното министерство известуваат дека бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, соопшти МЗ.

Слични содржини