Кој е Христијан Пендиков: Охриѓанецот што од тврдокорен член на ВМРО стана етнички Бугарин

од Nikola Popovski
348 прегледи

На 7-ми октомври 2022 година, во Охрид се отвори бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, по што првпат се спомнува името на сега веќе познатиот Христијан Пендиков. Тој тогаш станува секретар на здружението и постојано се појавува на слики, фотографирани во самиот објект на клубот.

Како што може да се види од неговиот Фејсбук профил, Пендиков често пати како секретар присуствувал на состаноци и настани на бугарскиот клуб.

Сепак во не така далечно минато, Пендиков имал различни политички и национални ставови. На социјалните мрежи кружат фотографии од него како член на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, а исто така може да се види и дека е сликан со лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски.

Исто така Пендиков се декларирал за „тврдокорен Македонец“ и бил голем противник на Преспанскиот договор. Тој притоа порачувал дека „Македонија е се што имаме“ и дека „друга татковина немаме“.

„Јас немам извадено македонски пасош, па не дај Боже бугарски“, е само еден од неговите коментари на социјалните мрежи додека бил член на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години.

Исто така можат да се видат и фотографии од него со дел од осудените лица за упадот во Собранието и крвавиот 27-ми април.

Останува прашањето што толку се сменило за Пендиков да се декларира како етнички Бугарин.

После ваквиот настан, официјална Софија денеска го покани на консултации својот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов, а причината, како што се наведува, е „сериозноста на ситуацијата во однос на правата на Бугарите“ во нашата земја и „ескалацијата на злосторствата од омраза“ во последните месеци, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.

Слични содржини