Пендиков за првпат дојде во Охридскиот суд, ќе даде исказ за претепувањето

од Nikola Popovski

Денеска во Охридскиот суд се одржува ново судско рочиште за претепувањето на Христијан Пендиков. Тој денес за првпат се соочи со еден од напаѓачите, Илија Спасески, од кого беше нападнат на 19-ти јануари годинава.

Пендиков треба да даде исказ за претепувањето и своја верзија на настаните. Ова е прво негово враќање во родниот град и прво појавување во Охридскиот суд по лекувањето во Софија.

Спасески претходно рече дека го разбира обвинението, но не се чувствува виновен, а неговите адвокати велат дека ќе докажат дека инцидентот не се случил поради етничка омраза.

Пред околу еден месец, Пендиков стана бугарски државјанин, а церемонијата се одржа во салата во која вообичаено претседателот на Бугарија врачува ордени и пречекува странски делегации.

Тој беше секретар на сега згаснатиот бугарски клуб во Охрид, со контроверзно име „Цар Борис III“. Откако беше претепан, Пендиков беше префрлен со бугарски владин авион во Софија каде беше лекуван, доби стан и полициска заштита.

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе Обвинителен предлог против Спасески за кривично дело – Тешка телесна повреда според член 131 став 1 во врска со став 2 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, заедно со уште едно до овој момент непознато лице, од омраза поради националната и етничката припадност, тешко телесно повредиле го повредиле Пендиков.

„На 19 јануари, во кафе бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди. Во текот на истражната постапка, сега обвинетиот се бранеше со молчење, но сите околности беа проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видео надзорот. Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Охрид достави и посебен предлог за продолжување на притворската мерка за обвинетиот, бидејќи се уште постои опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Во меѓувреме, по насоки на јавниот обвинител, и натаму се преземаат дејствија за идентификација и лишување од слобода на другото лице инволвирано во настанот“, соопштија претходно од Обвинителството.

Слични содржини