Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Роџер Федерер, потврди дека се повлекува од тенисот!
Освојувачот на 20 Грен слем титули потврди дека Лејвер купот ќе биде последниот турнир на кој ќе игра професионално и дека после тоа нема да игра тенис на највисоко ниво, на Грен слем и АТП турнири.
„Како што повеќето од вас знаат, изминатите три години ме соочија со бројни предизвици во форма на повреди и операции. Работев многу напорно за да се вратам во натпреварувачка форма. Но, јас цело време знаев дека моето тело има ограничувања и пораката што ми ја испраќа во последно време е многу јасна. Имам 41 година. Одиграв повеќе од 1.500 натпревари во кариерата во овие 24 години. Тенисот се однесуваше со мене повеќе од добро, подобро отколку што можев да сонувам, и морам да разберам и да препознаам кога е време да ја завршам мојата натпреварувачка кариера“, напиша Федерер во изјавата.
— Roger Federer (@rogerfederer) September 15, 2022
Федерер им се заблагодари на сите, од семејството, сопругата Мирка, преку родителите, членовите на неговиот тим, но посебно место во благодарницата зазедоа неговите противници.
„Многу сум среќен што одиграв многу епски натпревари, кои никогаш нема да ги заборавам. Се боревме фер, со страст и голем интензитет и секогаш се трудев да ја почитувам историјата на играта. Јас сум исклучително благодарен за вас. Се мотивиравме и го подигнавме тенисот на повисоко ниво“, напиша Федерер.