Крајот на Робер Шуман, и раѓањето „Шумановиот план“ ….

од Vladimir Zorba
105 прегледи

На денешен ден 4 септември  

1669.-Венеција им го отстапила грчкиот остров Крит на Турците, не успевајќи да се одбрани од опсадата започната во 1648.

1768.- Роден е францускиот писател и дипломат Франсоа Рене Шатобријан, прекрасен стилист кој силно влијаел на француската книжевност. По ранувањето во една од битките со приврзаниците на Француската револуција, во 1792 година емигрирал во Англија, каде останал до 1800 година. По враќањето на власт на династијата Бурбон во 1814 година, бил амбасадор и шеф на дипломатијата. Од политиката се повлекол во 1830 година по Јулската револуција и падот на кралот Шарл Десетти.

1824.- Во Ансфелден кај Линц, Австрија, е роден Антон Брукнер, австриски композитор и свирач на оргули. Компонирал симфонии и црковна музика. Умрел на 11 октомври 1896 година.

1837.- Во присуство на поголем број стручњаци, американскиот научник Самјуел Морзе со успех ја демонстрирал работата на својот телеграф. Кон средината на мај во 1844 година веќе била воспоставена телеграфска врска меѓу Вашингтон и Балтимор, а набрзо телеграфот почнале да го користат и европските земји.

1870.- Франција станала Република, со што завршило Второто царство на Наполеон Трети.

1886.- Апачкиот поглавар Џеронимо, еден од водачите на најголемите бунтовници на американските Индијаци против белите поробувачи, во Аризона му се предал на американскиот генерал Нелсон Малс.

1903.- На Кајмакчалан, во борба против турската војска загинал Манол Ризов, македонски револуционер. Учесник бил во Илинденското востание и бил член на Костурското горско началство. Роден бил во селото Бобишта, Костуско, во 1876 година.

1906.- Роден е американскиот биолог од германско потекло Макс Делбрик, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1969 година. Делбрик дал значителен придонес  во истражувањето на генетските структури на вирусот.

1907.- Умрел норвешкиот композитор, пијанист и диригент Едвард Хагеруп Григ. Инспириран од националниот фолклор ја афирмирал норвешката музика во светот.

1963.- Во Париз умрел Жорж Брак, француски сликар, еден од основачите и главен претставник на кубизмот. Сликал мртва природа, пејзажи и актови. Тој извршил големо влијание врз современото сликарство. Роден бил на 13 мај 1882 година.

1963.- Умрел францускиот државник и финансиски стручњак, Робер Шуман. Шуман во 1950 година го подготвил „Шумановиот план“ врз основа на кој во 1952 година била основана Европската заедница за јаглен и челик. Во неа членувале Белгија, Холандија, Луксембург, Западна Германија, Италија и Франција. Бил министер за финансии во 1946, премиер од 1947 до 1948, а шеф на дипломатијата од 1948 до 1953 и министер за правда од 1955 до 1956 година. Современа Европа го смета за татко на Европската Унија.

1965.- Во Ламбаране, во Габон, умрел Алберт Швајцер, познат француски хуманист, лекар, филозоф и музичар. Од 1913 година работел како лекар-мисионер во организирањето на здравствената служба во екваторијална Африка. Во 1952 година ја добил Нобеловата награда за мир. Роден бил во Крајзерберг, на 14 јануари 1875 година.

1970.- Сенаторот Салвадор Аљенде, социјалист по политичка припадност, победил на претседателските избори во Чиле. Во Латинска Америка, првпат се случило еден револуционер по мирен пат, со избори, да дојде на власт. Против Аљенде набрзо се кренала целата домашна опозиција, па во 1973 година, со помош на војската и на САД, во крвав пуч бил соборен неговиот режим.

1989.- Во Лозана, Швајцарија, умрел Жорж Сименон, белгиски писател, „татко“ на познатиот инспектор Мегре. Напишал повеќе од 500 книги, вклучувајќи ги и романите и автобиографските дела. Главен јунак во осумдесеттина негови книги е инспекторот Мегре за кој се снимени повеќе од 60 филмови. Роден бил во 1903 година.

1991.- Умрел Димче Стојанов (Димче Мире) учесник во национално-ослободителното движење, член на Президиумот на АСНОМ, претседател на Народното собрание на НР Македонија (1951-1955), директор на Архивот на Македонија (1960-1978), еден од основачите на архивистичката служба во Македонија. Роден бил во Прилеп, на 10 октомври 1910 година.

1992.- Собранието на Република Македонија ја избрало новата македонска коалициона влада. За нов премиер бил избран Бранко Црвенковски. Тоа била втора влада во повеќепартискиот систем на Република Македонија.

1992.- Поранешниот бугарски претседател Тодор Живков бил осуден на седум години затвор под обвинение за проневера во државните фондови.

1995.- Под мотото „обединет Ерусалим е наш“ Израел ја започнал 15-месечната прослава по повод 3.000 години од прогласувањето за престолнина на еврејскиот народ од страна на кралот Давид.

1996.- Во Народната банка на Република Македонија биле промовирани новите македонски пари, со нов дизајн, кои биле пуштени во оптек на 8 септември 1996 година.

 1997.- Во експлозија на три бомби, кои во Ерусалим ги поставиле исламски терористи, загинале седум, а ранети биле безмалку 200 лица.

1999.- Во експлозија во петкатна станбена зграда во Бујанкс во руската автономна република Дагестан што ја подметнале чеченски исламски терористи, загинале најмалку 64 лица, повеќето жени и деца на руски офицери.

2002.- Според извештаите објавени во САД, финансиските загуби во Њујорк како последица од исламистичкиот терористички напад на градот од 11 септември, изнесувале помеѓу 83 и 95 милијарди долари.

2006.- Умрел Стив Ирвин, австралиски активист за заштита на природата. Во светот беше познат по снимените емисии за диви животни, првенствено крокодилите. Загинал при снимање на документарен филм.

2006.- Успешно било изведено првото тестирање (со патници) на „Ербас“ супер-џамбо авионот А380, најголем комерцијален авион во светот. Авионот полетал од аеродромот во Тулуз во јужна Франција. А380 можел да превезе меѓу 550 и 800 патници, зависно од конфигурацијата и има домет од 15.000 километри. Неговата цена изнесувала 228 милиони евра.

2007.- Ураганот Феликс кој го зафатил карипскиот брег однесол најмалку 38 животи во Никарагва и девет во Мексико, а уште 200 луѓе се воделе за исчезнати. Во невремето се урнале повеќе од илјада куќи. Во Хондурас не биле забележани жртви, но повеќе од 25.000 луѓе биле евакуирани. Предхотниот голем ураган во Централна Америка – Мич во 1998 година однесол дури 10.000 животи.

2016.- Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск на церемонија која се одржала на плоштадот „Св. Петар“ ја прогласил Мајка Тереза за Светица. На канонизацијата на Блажена Мајка Тереза присуствувала македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот Ѓорге Иванов. Посебно место на свеченоста имале Република Македонија, заедно со Република Албанија и Република Индија, како земји на нејзиното раѓање, потекло и мисија./МИА