Кралицата Елизабета „пресуди“ за облеката за погребот на принцот Филип

од Stefanija Kuzmanovska
467 прегледи

Кралицата Елизабета пресуди во спорот околу облеката на машките членови на кралското семејство на погребот на нејзиниот сопруг принцот Филип, објавија британските медиуми во четвртокот.

Принцот Филип почина минатата недела на 99-годишна возраст, а неговиот погреб ќе биде во замокот Виндзор во сабота.

Традиционално, во такви прилики, членовите на кралското семејство се во воени униформи кои одразуваат почесни воени титули, но проблемот се појави околу воените униформи на принцовите Хари и Ендру.

Хари (36), кој ги напушти кралските должности и ги загуби сите воени титули откако се пресели во Соединетите држави со сопругата Меган и синот Арчи, според британските медиуми, сакал да се прости од својот дедо во униформата што ја носел за неговата венчавка.

Ендру (61), кој се повлече од службените кралски должности по скандалот поврзан со американскиот богаташ Џефри Епштајн, обвинет за подведување на девојчиња, според медиумите, сакал да биде во адмиралска униформа на погребот на неговиот татко.

Приказната беше дополнително комплицирана од фактот дека двајцата принцови беа единствените кои беа на активна воена служба, Хари во Авганистан и Ендру во 1982 година во конфликтот на Фокландските острови.

Бакингемската палата одби да коментира, но „Дејли Меил“ објави дека кралицата одлучила сите машки членови да бидат во темни костуми.

Слични содржини