Креативна работилница „Обединети против насилството“

од Марта Пешевска
250 прегледи

Креативна работилница „Обединети против насилството“ ќе се одржи денеска во Домот на култура „Димитар Влахов“ во организација на ЦИВИЛ, како дел од проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“.

– Работилницата е дел од заедничките заложби на ЦИВИЛ, основните и средни училишта од Гази Баба, локална самоуправа  и полицијата за јакнење на јавната свест и граѓанска едукација на локално ниво против насилниот екстремизам, информираат од ЦИВИЛ.

На работилница се предвидува учество на околу 20 деца од повеќе средни и основни училишта во Гази Баба кои заеднички ќе сликаат на теми „Човекови права и слободи“, „Мир и ненасилство“, односно сѐ што симболизира мирно и здружено решавање на конфликти преку дијалог и разбирање.

Работилницата ќе биде проследена со видео проекции, музика, доделување симболични награди за учесниците на работилницата, како и благодарници до учесниците во проектот од Општина Гази Баба.

Свои обраќања ќе имаат и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, како и претставници на ЦИВИЛ и СВР Гази Баба, во завршниот дел од работилницата.

ЦИВИЛ го спроведува проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје, се наведува во соопштението од ЦИВИЛ.