Кремљ: Засега нема потреба да се спроведе истрага за Навални

од Nikola Popovski
160 прегледи

Кремљ во вторникот објави дека не гледа потреба да се испитаат околностите за разболувањето на опозицискиот политичар Алексеј Навални и дека првичната дијагностика на германската болница, во која се вели дека станува збор за труење, сè уште не е конечна.

Германската канцеларка Ангела Меркел во понеделникот ја повика Русија да го испита наводното труење на Навални и да ги казни сторителите, откако германските лекари пронајдоа траги од токсичната супстанција во неговото тело.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, соопштил дека германската клиника сè уште не дошла до конечен заклучок за супстанцијата која стои зад болеста на Навални. Тој додал дека не е јасно зошто германските лекари „брзале“ со употребата на зборот труење.

Сепак, тој изјавил дека доколку се утврди дека навистина е труење, ќе биде покрената истрага.

Навални, долгогодишен остар критичар на рускиот претседател Владимир Путин, се разболе во авионот од Томск кон Москва во четвртокот, откако пиел чај во кој, според неговите соработници бил ставен отров. Тој во саботата беше префрлен во Германија на лекување.

Слични содржини