Министерството за надворешни работи на Русија денеска соопшти дека влезот на Финска во НАТО негативно ќе влијае на односите меѓу Москва и Хелсинки и дека Русија ќе биде принудена да преземе одмазднички мерки, вклучително и такви од воено-техничка природа, „за да ги одврати заканите за нејзината сопствена национална безбедност“.
Во соопштението се додава дека конкретните чекори на Русија во однос на создавање одбранбена структура на северозападните граници на земјата ќе зависат од „специфичните услови за интеграција на Финска во НАТО“, пренесе ТАСС. Границата меѓу НАТО и Русија е двојно зголемена со влезот на Финска во Северноатлантската алијанса, се наведува во соопштението и се нагласува дека тоа „радикално ја менува ситуацијата на северот на Европа, во регион кој беше еден од најстабилните на светот“.
Во соопштението се оценува дека влезот на Финска во НАТО претставува прекин на „мудрата традиција“ на неутралност на земјата и се додава дека Финска ќе стане „само една од малите земји-членки што не одлучува за ништо“.
„Сигурни сме дека историјата ќе суди за оваа избрзана одлука на финските власти, која беше донесена без референдум и длабинска анализа на последиците од членството на Финска во НАТО“, се заклучува во соопштението.