Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши сѐ уште се наоѓа во полициска станица, откако вчера беше повикан на информативен разговор во врска со пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, потврди Министерството за внатрешни работи за МИА.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера изјави дека во координација со Јавното обвинителство досега се осомничени повеќе од 20 лица, од кои 15 се во полициска станица.
„Дел од приведените имаат директна вина за овој настан, согласно досега собраните докази. Приведено е едно лице кое е организатор на настанот и за кое постои сомнение дека има директна одговорност. Исто така, приведени се поранешен државен секретар во Министерството за економија, поранешен раководител на еден сектор во истото министерство, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување и тројца вработени во рамки на дирекцијата“, изјави Тошковски.
Според информациите од истрагата, дел од осомничените се починати, а дел се во болница. За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив, за осум лица е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека тројца сѐ уште се хоспитализирани со тешки повреди.
Во трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица, додека над 140 повредени се згрижени во земјава и странство.
Првичните наоди од истрагата покажуваат дека дискотеката немала хидрантска мрежа и доволно противпожарни апарати, во неа биле користени пиротехнички материјали без дозвола, немала легална лиценца за работа и не постоел писмен договор меѓу организаторот и музичката група што настапувала.