Преку дефиле на маски со кои на сатиричен начин се прикажуваат случувања од политичкиот живот во земјава од минатата година, но и од светот, денес на пладне започна Вевчанскиот карневал. Преку маските вевчанци испраќаат силни пораки да биде годината бериќетна, да има среќа, здравје и да се променат негативните работи во општеството. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар.
-Овие три дена се важни, не само за Вевчани, туку и за Република Македонија бидејќи имаме Вевчански карневал кој што е национален бренд и е уникатен и за Европа и целиот свет. Мораме да го негуваме и да ја оддржуваме оваа традиција, како и надоградуваме. Иако овој карневал имал прекини во однос на финансирањето, ветувам дека секоја година се повеќе ќе се зголемува буџетот. Од овој момент е многу важна манифестација и за развој на туризмот. Се надевам дека ќе стане се посилен бренд за Македонија. Театарот секогаш го критикува општеството и политичките ситуации – и овој карневал ја има истата улога. Да ме критикува мене, општеството и политичарите и тоа треба да го прифатиме како многу позитивно, со цел да се подобриме кон општеството и политичарите. Многу ми е значајно кога имате критика кон општеството, што е здраво општество, изјави денеска министерот за култура, Зоран Љутков.
Утре, на Свети Василиј Вевчанци според традицијата одат во визити во семејствата каде го има името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари и ги палат маските за да злото не се повтори. Вевчанскиот карневал е традиција стара околу 15 века.