Кривична за поранешниот министер Исмаили, го оштетил Буџетот за над 31 милиони денари

од Nikola Popovski
88 прегледи

Управата за финансиска полиција до Oсновното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против Хусни Исмаили, поранешен министер за култура, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Несовесно работење во службата од член 353-в, ст.1 и ст.2 од Кривичниот Законик.

„Пријавениот Х.И. во својство на службено лице, министер во Министерството за култура, ја злоупотребил својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност на начин што во периодот од 27.06.2019 до 30.08.2020 година, на ден 24.07.2020 година, несовесно постапил на начин што потпишал решенија и склучил договори со правни и физички лица за финансирање на проекти во вкупен износ од 31.824.000 денари, иако бил свесен дека со извршениот ребаланс на буџетот од страна на Владата на Р.С.Македонија објавен во Службен весник бр.126 од 15.05.2020 година, недостасуваат финансиски средства за веќе преземените тековни обврски во однос на годишните конкурси за финансирање на проекти“, се вели во соопштението на Финансиската полиција.

Со горенаведените дејствија, Исмаили предизвикал штета на Буџетот на министерство за култура по основ потпишани решенија и склучени договори во износ од 31.824.000 денари, додаваат од Финансиската полиција.

По една година како министер за култура, Исмаили во 2020 години седна во пратеничките клупи на македонското Собрание. Во 2019 година на жешката столица во Министерството за култура го наследи Адеми, како предлог на Алтернатива. Неговиот избор беше изненадување како лекар-ревматолог кој сепак имал искуство и како професор и во издаваштвото.

Во ноември 2021 година, Државната комисија за спречување на корупција реши да поведе иницијатива до Јавното обвинителство за поведување постапка за кривично гонење против поранешен министер за култура кој оваа функција ја извршувал од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес. Во посочениот период функцијата министер за култура ја извршуваше токму Исмаили.

Слични содржини