Кривична за жената која ја нападна Елена Ристеска, доби забрана да ѝ се приближува

од Nikola Popovski
265 прегледи

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка жената која пред две вечери ја нападна пејачката Елена Ристеска.

-Осомничената 38-годишна скопјанка, на 23 октомври во угостителски објект во Скопје, извршила грубо насилство кон една оштетена, физички напаѓајќи ја со тврд предмет и нанесувајќи и повреда на главата. Притоа упатила и вербални закани кон оштетената и кон други присутни лица, со што предизвикала чувство на несигурност, загрозување и страв.

Ценејќи ги сите околности, пред се можноста за повторување на агресивното и насилното однесување, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка на претпазливост – забрана за осомничената да се приближува или да воспоставува контакти со оштетената, велат од ОЈО преку соопштение.

Ристеска вчера се огласи на Инстаграм во врска со немилиот настан и наведе дека истиот навистина се случил.

-Чувствувам должност и почит спрема целата јавност и новинарите да ви се обратам околу натписите каде се споменува моето име.

Да, точно е дека имаше обид за напад кон мене, но за истото е поднесена кривична пријава и очекувам полицијата да го разреши случајот. Очекувам поддршка од сите вас бидејќи ова ми се случи без причина и повод.

Не се грижете јас сум добра, ви благодарам на сите кои ми пишувате да изразите поддршка. После 21 година кариера, градење на име и реноме на пристојна и нескандалозна личност, ова за мене е нешто што мислам дека најмалку сум го заслужила и го гледам како обид да се извалка моето име.

И покрај сето ова, јас продолжувам да пеам за моите фанови, напиша Ристеска на својот Инстаграм профил.

Слични содржини