Кривични за двете лица кои се закануваа во автобус на ЈСП дека ќе топат граѓани во киселина

од Nikola Popovski
288 прегледи

ОЈО Скопје им поднесе кривични пријави за насилство на двете лица кои во автобус на ЈСП се закануваа дека ќе сечат глави и ќе потопат граѓани во киселина.

Од МВР за лицата од настанот од видеото објавен пред две недели, велат дека се работи за Р.З.(31) и Х.И.(31) од Скопје и против двајцата до Основнот јавно обвинителство Скопје се поднесени кривични пријави за насилство од член 386 од Кривичниот законик.

„Обвинетите на 5 ноември 2020 година, околу 17:30 часот, во автобус на ЈСП Скопје кој сообраќал на линијата бр. 7 во Скопје, грубо ги навредиле и ја загрозиле сигурноста на оштетениот возач и на патниците во автобусот. Обвинетите влегле во автобусот кај автобуската станица Рекорд без да носат заштитни маски, на што реагирале патниците предупредувајќи ги да носат заштита опрема“, велат од МВР за настанот, додавајќи:

„Тогаш обвинетите започнале грубо да ги навредуваат патниците и да ја загрозуваат нивната сигурност, велејќи им дека ќе ги убијат и ќе ги стават во киселина.

Потоа му се обратиле и на возачот на автобусот со барање да запре и да ја отвори вратата за да излезат пред да стаса на следната автобуска постојка. Возачот не ја отворил вратата, по што обвинетите продолжиле со грубо навредување и загрозување на неговата сигурност, му се обраќале со висок тон и удирале по внатрешноста на возилото“, соопштуваат од полицијата.

За време на инцидентот тие се закануваат дека останатите патници не знаат со кого си имаат работа, како и дека ќе ги заколат, ќе сечат глави и ќе ги стават во киселина.

„Ќе треба на некого главата да му ја сечам. Не се занесувајте. Ќе те носам и во киселина ќе те ставам. Ти не знаеш со кого си имаш работа. Што ако не е станица, овде јас кажувам. Ние сме верници, вие сте неверници и не знаете со кого имате работа”, зборуваат на видеото објавено на социјалните мрежи двете лица.

 

Слични содржини