За владеачката СДСМ, денешните неосновани кривични пријави поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица се доказ дека овие партии не можат да се помират со фактот што Собранието конечно ги изгласа законите со кои помошта, по цели два месеци блокади и опструкции, деновиве конечно пристигнува кај работниците.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивните соработници Левица не можат да се помират ниту со тоа што се донесени важни закони на 32 седница за кои тие не гласаат а се однесуваат на националната стратегија за спречување корупција, за набавка на вакцини, за заштита на животната средина.
Присуството и гласањето на пратениците кои беа позитивни на ковид 19, а беа без симптоми и со целосна заштитна опрема, беше според посебен протокол за спроведување за гласање на пратеници кои се наоѓаат во домашна самоизолација.
И ВМРО-ДПМНЕ и нивните соработници Левица можат да прават сè, да продолжат со деструкциите, но нема да ја закочат работата на Собранието, нема да спречат помошта да пристигне кај граѓаните и компаниите, нема да успеат да блокираат закони важни за развој на државата и економијата“, велат од СДСМ преку соопштение.
Петнаесетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ отидоа пред зградата на Обвинителството за да ја поднесат кривичната пријава, а пратеничката Ели Панова соопшти денеска кривичните пријави се против спикерот Талат Џафери и двајца пратеници, за прекршување на здравствените прописи, согласно со членовите 205 и 206 од Кривичниот законик. Според неа, во неделата бил прекршен и Законот за заштита од заразни болести.