Шефот на кабинетот на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, Џо Каспер, ја напушта функцијата, соопшти Пентагон. Ова дополнително ја продлабочи кризата која веќе неколку дена ја тресе оваа институција.
Само во изминатата недела, тимот на контроверзниот Хегсет беше напуштен од голем број клучни соработници, вклучувајќи го и неговиот најблизок советник Ден Колдвел.
Каспер е веќе петтиот човек кој за неколку дена го напушти Пентагон, а се е поврзано со истрагата за „протекувањето“ тајни и доверливи информации од Министерството за одбрана.
Скандалот што ја покрена истрагата се случи во средината на март, кога беше откриено дека бројни соработници на Доналд Трамп, претседателот на САД, споделувале планови за американски напад врз Јемен на апликацијата Сигнал.
Иако ниту еден од луѓето вклучени во овој скандал, вклучително и Хегсет, не беше отпуштен или не ја напушти функцијата, оваа ситуација доведе до криза во Пентагон.
Хегсет започна истрага за фактот дека неговите соработници, како што тврди, споделувале информации со медиумите, а неколку луѓе биле ставени на неплатено отсуство, а потоа отстранети.
Како што пишува Политико, Пентагон моментално е во „тотален хаос“, а Хегсет моментално е без шеф на кабинет, заменик началник на Генералштабот и главен советник.