Пратеникот Борис Крмов од Левица, на денешната прес-конференција во Собранието, истакна дека петте интерпелации на членовите на Судскиот совет нема да дадат вистински резултат во правосудството, но нагласи и дека засега нема суштински промени.
„Реформа во правосудството би значела воведување на ветинг, проверка на потеклото на имотот на судиите, антинепотистички закон, ограничување на мандатите и кривична одговорност. Исто така, треба да се испратат во предвремена пензија оние судии за кои има информации дека се корумпирани“, изјави Крмов.
Тој потенцираше дека Судскиот совет е најодговорен за состојбата во судството, бидејќи токму неговите членови ги именуваат и разрешуваат судиите, како и дека мора да сносат персонална одговорност.
„Имаме членови во Советот како Весна Дамева, која не била судија, а е блиска до СДСМ, или Селим Адеми, кој два пати насилно разрешувал судии без последици. Ова мора да престане“, додаде Крмов.
Левица најави дека ќе ги поддржи интерпелациите и ќе реагира ако новите членови на Судскиот совет не ги исполнуваат критериумите или се избрани по партиски клуч.