ОЈО донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, поврзано со случајот со родендеската забава во изнајмен стан во центарот на Скопје, која полицијата вчера ја растури.
„На 24 декември, во изнајмен стан на улица „Црвена Вода“, 28-годишниот осомничен неовластено држел 54,76 грама марихуана, 0,8 грама кокаин, хашиш смола со вкупен волумен од 14 милилитри во три шприца, како и психотропни супстанции – 10,8 грама амфетамин и 4,65 грама од 3,4-метилен диоксиметамфетамин (МДМА). При претрес на станот била пронајдена и дигитална вага со остатоци од наркотична дрога“, стои во соопштението на ОЈО.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка куќен притвор.
Полицијата вчера растури забава во стан во центарот на Скопје и пронајде повеќе пакувања со кокаин, марихуана, „екстази“, амфетамин, масло од хашиш и друга дрога. Приведени се 13 лица на возраст од 22 до 31 година.
При претресот се затекнати 13 лица, кои присуствувале на роденденска забава, а пронајдени се повеќе пакувања со кокаин, марихуана, „екстази“, амфетамин, масло од хашиш и друга дрога.