Од Судот соопштија дека одлуката е донесена по предлог на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по произнесување на осомничениот и надлежниот јавен обвинител. Со решението целосно е прифатен предлогот на Обвинителството за определување мерки за обезбедување присуство и мерки на претпазливост.
Со оглед дека осомничениот е апелациски судија и се сомничи за кривичните дела „перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273 став 1 и „противправно стекнување и прикривање имот“ по член 359-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, Судот претходно го доставил предметот до Судски совет на Република Северна Македонија за одлучување по прашањето на судискиот имунитет.
По добиената согласност од Судскиот совет, Основниот кривичен суд Скопје го прифатил предлогот на Обвинителството и ги определил мерките против осомничениот судија.
Против донесеното решение странките имаат право на жалба до Кривичниот совет, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.