Кулеба: Тоа што Србија не воведе санкции кон Русија е најголемото разочарување во односите меѓу земјите

од Stefanija Kuzmanovska
285 прегледи

Перспективата на односите меѓу Украина и Србија е секогаш добра и нема ништо што ги дели двете земји или отуѓува една од друга, изјави министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба во интервју за „Eуроњуз Србија“.

Тој посочил дека тоа што Србија не воведе санкции кон Русија е најголемото разочарување во односите меѓу двете земји, но дека сепак, од политички аспект Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина, како што и Украина го поддржува територијалниот интегритет на Србија.

Кулеба, говорејќи за односите меѓу Киев и Белград, потсети дека српскиот претседател Александар Вучиќ имаше средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој учествуваше на самитот меѓу Украина и земјите од Западен Балкан.

На прашањето за другите начини на кои Србија ѝ помага на Украина, тој забележа дека секоја земја се оценува според нејзините заслуги и дека не се фокусира само на прашањето за санкциите, бидејќи тоа е еден елемент во рамките на односите со Србија.

Кога станува збор за потенцијалната можност Србија да учествува во посредувањето меѓу Киев и Москва, Кулеба навел дека од почетокот на инвазијата многу земји се обиделе да посредуваат, но малку од нив успеале.

„Не успеаја да ја запрат војната. Јас би препорачал две работи. Наместо да се занимаваме со големото прашање за запирање на војната, би препорачал да се поддржи мировната формула што Украина ја предложи како начин за завршување на војната. Втората работа е дека треба да се фокусираме на конкретниот проблем што настана поради војната и да се обидеме да го решиме во односите со Русија. На пример, некои земји работат на враќање на украинските деца кои беа нелегално депортирани, практично киднапирани од страна на Русите од Украина, а ова е само едно од прашањата поврзани со војната и исклучително важно прашање. Некои земји ги користат односите со Москва за да ни помогнат да ги вратиме децата во Украина. Стратегијата да се фокусираме на конкретни прашања наместо на пошироки прашања за војна и мир е далеку поефикасна“, подвлече Кулеба.

Слични содржини