Kупуваме домашно: Граѓаните ги полнат торбите со македонски производи

од Берта Китинска
962 прегледи

Граѓаните кои веќе ги добија своите домашни платежни картички „Купувам домашно“, започнаа со пазарувањето во маркетите. Трговците веќе ги имаат обележано рафтовите и гондолите на кои се продаваат производи со македонско потекло.

Вчера министерката за финансии, Нина Ангеловска соопшти дека се проширува листата на продавници во кои може да се плаќа со домашната платежна картичка.

Новите дејности кои се додадени се: продавниците за текстил, обувки, предмети од кожа, спортска опрема, продавници за книги и продавници за мебел, осветлување, производи за домаќинства.

„Уредбата за домашната платежна картичка беше дополнета и сега граѓаните со домашната платежна картичка може да купуваат домашни производи и услуги во: хотели, одморалишта, кампови и други објекти за сместување, туристички агенции и оператори, ресторани, достава и подготовка на храна и пијалаци, супермаркети, продавници за храна, зарзаватчилници, пекарници, мебел, осветлување, производи за домаќинства, книжарници и продавници за книги, спортска опрема, продавници за облека, обувки, предмети од кожа, аптеки и фризерски салони и салони за убавина и други услужни дејности“, објави Ангеловска.

Домашната платежна картичка ќе ја користат 324.479 корисници. За оваа мерка Владата ќе даде 28 милиони евра за да ги поддржи граѓаните, но и домашното производство и услуги во надминување на КОВИД-19 кризата.

Картичката ќе се користи за купување македонски производи и услуги  во ресторани, кафулиња, брза достава, хотели, одморалишта, сместувачки капацитети, туристички агенции, трговија на мало, продавници за храна и пијалаци, зелени пазари, аптеки и фризерски салони и салони за разубавување.

Слични содржини