Курдската партија негира: Немаме никаква врска со експлозијата во Истанбул

од Vladimir Zorba

Курдистанската работничка партија негираше вмешаност во вчерашниот бомбашки напад во Истанбул, со што ги негираше тврдењата на Турција за одговорност за експлозијата во која загинаа шест лица, објави денеска партиската веб-страница.

Се додава дека цел на ПКК никогаш не се цивили, пренесе Ројтерс.

Претходно денеска Турција објави дека ПКК и Единицата за народна заштита (ИПГ), која е концентрирана во Сирија, се одговорни за експлозијата на авенијата Истиклал во Истанбул.

Милицијата на сириските курди ИПГ се појави како добро организирана вооружена група за време на сириската граѓанска војна. Тие воспоставија упориште на северот на земјата по повлекувањето на сириските владини сили и се поврзани со главната фракција на сириските Курди, Партијата на Демократската унија (ПИД).

Турција смета дека ПИД и ИПГ не се разликуваат од Курдистанската работничка партија (ПКК), која започна бунт во Турција во 1984 година за политичките и културните права на Курдите.

Во конфликтите досега загинаа повеќе од 40.000 луѓе.

Околу 15-20 отсто од вкупното население на Турција од околу 85 милиони го сочинуваат курдското малцинство, кое претежно живее во источните и југоисточните области на границата со Сирија.

Турција смета дека сириското упориште ПИД е закана за националната безбедност.

Слични содржини