Курти: Белград ја смета С.Македонија за привремена држава

од Vladimir Zorba

Премиерот на Косово, Албин Курти изјави дека односите со Србија се важни, но дека „Косово е независна земја“ во која темата за дијалог со Србија не е меѓу трите главни приоритети.

Во интервју, Курти додаде дека не рекол дека дијалогот ќе биде целосно игнориран, но дека дијалогот со Србија за Косово е на шестото или седмото место на листата од 10 приоритети.

„Мое мислење беше дека треба да направиме отстапка и да ја ставиме на четврто место. Не може да биде меѓу првите три приоритети, бидејќи не можеме така да се однесуваме, а граѓаните знаеја што прават кога гласаа за нас како демократска опозиција и не вратија на функцијата во владата “, рече Курти.

На прашањето зошто го одби предлогот за размена на територии, Курти рече дека тоа не е решение.

„Напротив, тоа ќе ја влоши ситуацијата. Сакам демократски мирољубиви решенија. Размената на територии е пристап што ќе не вовлече во конфликти како оние од 1990-тите, и не би се ограничил само на односите Србија-Косово, туку би се проширил на шесте од Западен Балкан “, рече Курти.

Затоа, вели тој, се спротивставил на тој модел, за кој верува дека ќе ја влоши ситуацијата.

„Проектот за размена на територии беше целосен неуспех, но идејата се уште живее во Белград. Таму, сите соседни земји кои не се интегрирани во ЕУ, како БиХ, Црна Гора, Косово и Северна Македонија, се сметаат за привремени држави“, рече Курти, цитиран од Б92.

Според него, Србија „ја имитира Руската Федерација и, со зајакнување на сателитските парадржави, сака да ги прикаже своите соседи како нефункционални и да ги претвори во пропаднати држави“.

„Република Косово нема да го дозволи тоа, независно Косово останува тука и е посилно како држава со функционални институции, кое излегува од економската криза и напредува кон Запад. Ние никогаш не се сомневавме во тоа, нашата цел е да влеземе во НАТО и ЕУ“, рече Курти.

На прашањето како ќе се однесува со српското малцинство, Курти рече дека мнозинството Срби од Косово се интегрирани во косовските институции.

Посочи дека Белград не сака интеграција на Србите не само во Косово, туку и во Црна Гора или БиХ, бидејќи сака „да ги искористи за превласт на својата држава и нација“.

„Верувам дека на земјите од Западен Балкан им е потребна поголема симетрија, односно рамнотежа или реципроцитет кога станува збор за малцинските права, за траен мир и одржлива стабилност и безбедност. Ваквите меѓусебни односи ќе им помогнат на сите овие земји да се борат против националистичката и шовинистичката хегемонија специфична за Балканот, особено во изминатите 150 години“, вели Курти.

Додаде дека сака Србите на Косово ги имаат истите права како и албанското мнозинство, кое сочинува повеќе од 92 проценти од населението на Косово.

Слични содржини