Премиерот на Косово, Албин Курти, кој денеска престојува во земјава и присуствува на Европскиот форум, меѓу другото зборуваше и за темата на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел, каде што речиси беше прифатеn европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Тој оцени дека изборот на Северна Македонија за следната средба во рамките на дијалогот меѓу двете земји на високо политичко ниво е симболичен.
„Косово е нормална демократска земја, но мора да признаеме дека нашите односи со Србија не се нормални. Значи, нашите две земји треба да се нормализираат. Нормализацијата може да се направи само со меѓусебно препознавање во центарот. Тоа го кажаа претседателот Бајден, канцеларот Шолц, како и секретарот Блинкен. Ние се обидуваме да ја постигнеме оваа нормализација“, рекол Курти, пренесе приштинска „Коха“.
Тој, исто така, зборувал за следната средба во рамките на дијалогот на Белград и Приштина на високо политичко ниво закажано за 18-ти март во Македонија.
„Да не заборавиме дека капитулацијата на Југославија на Милошевиќ беше потпишана на 9 јуни 1999 година во Куманово и влегувањето на силите на НАТО. Мислам дека овие симболички елементи на Северна Македонија беа важни високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел да нè покани во Македонија на следната средба “, рекол Курти.