Новоизбраниот косовски премиер Албин Курти денеска се очекува свечено да ја преземе должност шеф на извршната власт на Косово, по што ќе се одржи и првата седница на неговиот кабинет, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во канцеларијата на претседателот на владата, во отсуство на досегашниот премиер во оставка Рамуш Харадинај, кој се наоѓа во САД, должноста на Курти ќе му ја предаде досегашниот вицепремиер и шеф на косовската дипломатија Беџет Пацоли.
Церемонијата на примопредавањето е закажана за 11 часот, по што се очекува новиот премиер да ја свика првата, церемонијална седница на неговата влада.
Собранието на Косово вчера со мнозинство гласови го избра лидерот на движењето Самоопределување за нов премиер и го усвои неговиот предлог за состав на новата Влада на Косово.
Кабинетот на Курти се состои од 15 министерства и двајца вицепремиери. Еден од министрите во новата косовска Влада е и поранешниот кандидат за претседател на Република Северна Македонија, професорот по меѓународно право од Скопје, Блерим Река, кој ќе го води секторот евроинтеграции.