Новиот премиер на Косово, Албин Курти рече дека косовските власти кои потпишале договор за обнова на транспортните врски меѓу Белград и Приштина во петокот во Минхен немаат одобрение од новата влада.
„Двата договори во Минхен беа потпишани од официјални лица овластени од поранешниот министер Пал Лекај и целиот процес на преговарање беше спроведен пред почетокот на нашата влада. Затоа, на овие службеници не им беше дадено овластување на новата влада да преговараат или да го потпишат договорот. Покрај тоа, ниту текстот на договорот не беше претставен ниту на јавноста, ниту на Владата“, напиша Курти на својот Фејсбук профил.
Курти не кажа изрично дали новата влада ќе се придржува кон договорот и додаде дека транспарентноста е најважна во целиот процес.
„Додека сите врски и подобрувања на инфраструктурните стандарди се клучни за развојот на нашите земји и дел од европската визија за регионална соработка и добрососедски односи, сепак е многу важно процесот да биде транспарентен, резултат на вистински преговори и целосно во согласност со суверенитетот и законите на земјата, економски приоритети и во согласност со обврските кои произлегуваат од Договорот за стабилизација и асоцијација“, рече Курти.
Договорот, потпишан на безбедносната конференција во Минхен, предвидува воспоставување железнички сообраќај помеѓу Белград и Приштина и завршување на изградбата на автопат меѓу двата града.
Тоа беше првиот договор меѓу Косово и Србија по 14 месеци, откако беше блокиран дијалогот за нормализирање на односите меѓу двете страни во ноември 2018 година, кога Косово воведе 100 проценти такси на производите од Србија и БиХ.